Проширувањето е на врвот на агендата, порача Фон дер Лајен од Белград
Србија ги знае своите обврски, вели српскиот претседател Вучиќ по средбата со Фон дер Лајен. Претседателката на Европската комисија порача-проширувањето е на врвот на агендата на ЕУ, сакаме Србија да се приклучи, спроведувањето на Охридскиот договор е де факто признавање на Косово…

Урсула фон дер Лајен во Белград изјави дека проширувањето е на врвот на агендата на ЕУ и сака Србија да се приклучи, додека Вучиќ изјави дека одговорно ќе се посвети на исполнување на обврските.
Фон дер Лајен говореше за инвестицискиот план за Западен Балкан од 30 милијарди евра и на Планот за раст кој вклучува пакет од шест милијарди евра за стопанството на Балканот, кој ќе ги поттикне економиите, ќе создаде работни места и да секоја земја мора да ги сработи своите „домашни задачи“ за да го искористи ова.
Во поглед на нормализирањето на односите со Косово, Фон ден Лајен посочи дека насилните напади на 24-ти септември во Бањска се целосно неприфатливи и да сторителите мора да бидат изведени пред лицето на правдата, додека Косово треба да ја спроведе Заедницата на српски општини. Покрај тоа, Србија мора да почне да ги спроведува постоечките договори.
На новинарско прашање за барањето на ЕУ за де факто признавањето на Косово, одговори дека спроведувањето на Охридскиот договор е де факто признавање на Косово.
„За што се работи? Станува збор за имплементација на Охридскиот договор. Тој предвидува различни чекори кои вклучуваат признавање на документи и институции од страна на Србија, а со тоа и формирање на ЗСО. Ова треба да го спроведе Косово и тоа ќе го отвори патот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово – што е неопходен предуслов за европскиот пат“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен
Вучиќ, пак, рече дека признавањето на независноста на Косово не е прашање за Србија и дека не се срами тоа да го повтори пред претседателката на Европската комисија.
„Признавањето на независноста на Косово не е прашање. Знаеме кои се нашите обврски од дијалогот и подготвени сме да ги исполниме. Ако сакате да бидам целосно искрен, се плашам дека нема да го видиме наскоро ЗСО, бидејќи добро ги знам сите балкански трикови, научив да ги препознавам од многу одамна и се плашам дека ќе бидеме во потешка позиција“, нагласи српскиот претседател, Александар Вучиќ.
Вучиќ изјави и дека Србија има уште многу да направи на својот европски пат, но дека двете најголеми пречки во моментов се прашањето за Косово и невоведувањето санкции против Русија.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
