Осма „Златна топка“ за Меси

31.10.2023 18:10

За наградата „Златна топка“ во конкуренција беа и норвешкиот голгетер Ерлинг Халанд, неговиот клупски колега и белгиски репрезентативец Кевин де Брујне и напаѓачот на ПСЖ и на француската репрезентација Килијан Мбапе.

Аргентинецот Лионел Меси по рекорден осми пат во кариерата ја доби наградата „Златна топка“ за најдобар фудбалер во изминатата година.

Престижната награда на француското списание „Франс фудбал“ му беше врачена на Меси на гала свеченост во Париз како признание за успесите на репрезентативен и клупски план во 2022 година. Меси лани на Мундијалот во Катар ја освои светската титула со Аргентина и беше прогласен за најдобар фудбалер на турнирот на кој постигна седум голови и додаде три асистенции.

За наградата „Златна топка“ во конкуренција беа и норвешкиот голгетер Ерлинг Халанд, неговиот клупски колега и белгиски репрезентативец Кевин де Брујне и напаѓачот на ПСЖ и на француската репрезентација Килијан Мбапе.

Португалецот Кристијано Роналдо кој е втор на вечната листа добитници на Златната „топка“, со пет признанија, не беше меѓу номинираните.

Признанието во женска конкуренција го освои фудбалерката на Барселона и шпанска репрезентативка Аитана Бонмати.

 

Фото: ЕПА