ИЗРАЕЛ

Десетици загинати и стотици ранети во израелски напад на бегалски камп

01.11.2023 10:10

Десетици загинати, стотици ранети во израелски напад на бегалски камп во Појасот Газа. Тел Авив тврди дека е елиминиран еден од водачите на Хамас. Јеменските Хути поддржани од Иран извршија ракетен напад врз Израел. Американскиот државен секретар Блинкен в петок оди во посета на Израел...

Од изутрина Појасот Газа повторно отсечен од светот. Исклучени се сите телекомуникациски услуги. Десетици загинати и стотици ранети во напад врз бегалски камп во Џабалија. Луѓето во очај трагаат под урнатините.

„Примивме голем број ранети и убиени поради застрашувачкото гранатирање на Израел врз цивилните населби во бегалскиот камп Џабалија“, изјави д-р Атеф А-Кахлот, директор на индонезиската болница.

Израел тврди дека го елиминирала заменик-лидерот на Хамас на западниот брег. Во областа на Црвено Море пресретната ракета земја-земја. Првпат активиран одбранбениот систем за пресретнување ракети со долг дострел. Сирени за воздушен напад се огласија во централен Израел.

„Пешадијата и оклопните сили зазедоа централно упориште на Хамас во западниот дел на Џабалија. Го елиминиравме терористот Ибрахим Биари. Во операцијата убиени се и многу други терористи кои се криеја со него во зградата и подземниот простор“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Во меѓувреме, јеменските Хути, поддржани од Иран, ја презедоа одговорноста за нападот врз јужен Израел.

„Ова е трета операција за поддршка на нашите браќа во Палестина. Ќе продолжиме да изведуваме пожестоки напади со проектили и беспилотни летала додека не престане израелската агресија“, изјави бригаден генерал Јахја Сари, воен портпарол на Хунтите.

Белата куќа и натаму се залага за хуманитарна пауза. Пентагон испраќа дополнителни 300 војници на Блискиот Исток по зачестените напади врз американските бази во Ирак и Сирија.

„Целта е да се добие помош, да се извлечат луѓето што сакаат да се евакуираат. Израел изрази загриженост, бидејќи горивото би можело да биде искористено од Хамас. Нашиот аргумент е дека е тоа легитимна потреба на цивилите кои страдаат и имаат потреба од медицинска нега и вода за пиење“, Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедноста.

Во изминатото деноноќие десетици камиони со хуманитарна помош влегоа во Газа. Од друга страна, на преминот „Рафа“ со Египет голем број странци чекаат во надеж дека ќе ја напуштат земјата. Хамас претходно најави дека во следните неколку дена ќе ослободи странски заложници.

„Некои земји со посредници се вклучија во ослободување на затвореници во Газа. Ги добивме нивните барања и ги информиравме дека во следните денови ќе ослободиме голем број странци“, изјави Абу Обеида, портпарол на бригадите Ал Касам.

Во страв од наплив на бегалци Каиро распоредува тенкови и оклопни возила во близина до преминот-тврдат израелски медиуми. Американскиот државен секретар Антони Блинкен в петок најави посета на Израел-соопшти американскиот стејт департмент.

Бојана Крстевски