Граничниот премин „Рафа“ кон Египет отворен првпат по конфликтот во Појасот Газа
Граничниот премин „Рафа“, кон Египет, отворен првпат по конфликтот во појасот Газа. Стотици луѓе се собраа, се пропуштаат странски државјани. На египетската страна влегоа и првите амбулантни возила со тешко повредени Палестинци. Борбите во Појасот продолжуваат, Блинкен в петок најави посета на Израел…

Граничниот премин Рафа, кон Египет, отворен за првпат по конфликтот во Појасот Газа. Стотици луѓе се собраа, но се пропуштаат само тие со дозвола, меѓу нив и четворицата заложници што ги ослободи Хамас.
Првите амбулантни возила со повредени Палестинци ја преминаа границата. Египет соопшти дека нема да прифати прилив на бегалци, во страв дека Израел нема да им дозволи да се вратат назад.
Од изутрина Појасот е повторно отсечен од светот. Исклучени се сите телекомуникации. Израел обвинува дека Хамас е виновен за ситуацијата во Газа и за последното гранатирање на бегалскиот камп во Џабалија.
„Хамас се обидува да создаде слика на уништена Газа и мртви цивили. Нема да успеат да го скријат вистинскиот виновник дека тие самите ја донесоа катастрофата во Газа“, изјави портпаролот на израелската одбрана, Даниел Хагари.
Во офанзивата досега загинаа 326 израелски војници. Премиерот Нетанјаху изрази сочувство и најави дека нема да запре до конечна победа.
„Ова ќе биде долга војна. Успешно напредуваме, но имаме и болни загуби. Нашите војници паднаа во најнеправедната војна. Им ветувам на граѓаните на Израел дека ќе продолжиме до победа“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Белата куќа и натаму се залага за хуманитарна пауза.
„Целта е да се добие помош, да се извлечат луѓето што сакаат да се евакуираат. Израел изрази загриженост, бидејќи горивото би можело да биде искористено од Хамас. Нашиот аргумент е дека е тоа легитимна потреба на цивилите кои страдаат и имаат потреба од медицинска нега и вода за пиење“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност.
Во изминатото деноноќие десетици камиони со хуманитарна помош влегоа во Газа. Израелската армија го зголеми своето присуство во областа на Црвеното Море со ракетни бродови, по неколкуте напади со беспилотни летала и ракети на проиранските Хути во Јемен. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен в петок најави посета на Израел.
Бојана Крстевски
