ИЗРАЕЛ - ХАМАС

Конфликтот на Блискиот Исток се заканува да прерасне во тотална војна

01.11.2023 14:22

Тел Авив го зголеми присуството со воени бродови во Црвено Море. Иран и Турција бараат итна регионална конференција за да се спречи прелевање на војната. Врховниот лидер на Иран ги повика муслиманските земји да го бојкотираат Израел. Премиерот Нетанјаху се заканува дека нема да запре до конечна победа...

Конфликтот на Блискиот Исток се заканува да прерасне во тотална војна. Тел Авив го зголеми присуството со воени бродови во Црвено Море, откако проиранските Хути од Јемен ги засилија нападите со дронови и ракети.

„Ова е трета операција за поддршка на нашите браќа во Палестина. Ќе продолжиме да изведуваме пожестоки напади со проектили и беспилотни летала, додека не престане израелската агресија“, изјави Бригаден Гемерал Јахја Сари, воен портпарол на Хутите.

Иран и Турција бараат итна регионална конференција за да се спречи прелевање на војната. Врховниот лидер на Иран ги повика муслиманските земји да го бојкотираат Израел.

„Она на што треба да инсистираат исламските влади е итно запирање на злосторствата што Израелците ги вршат во Газа“, порача Ајатолахот Али Хамнеи, врховен лидер на Иран.

Во Газа и натаму жестоки борби. Во Појасот повторно се исклучени сите телекомуникации. Израел обвини дека Хамас е виновен за ситуацијата и за последното гранатирање на бегалскиот камп во Џабалија.

„Хамас се обидува да создаде слика на уништена Газа и мртви цивили. Нема да успеат да го сокријат вистинскиот виновник дека тие самите ја донесоа катастрофата во Газа“, изјави портпаролот на Израелската одбрана, Даниел Хагари.

Премиерот Нетанјаху се заканува дека нема да запре до конечна победа.

„Ова ќе биде долга војна. Успешно напредуваме, но имаме и болни загуби. Нашите војници паднаа во најнеправедната војна. Им ветувам на граѓаните на Израел дека ќе продолжиме до победа“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.

Првпат по конфликтот, отворен граничниот премин „Рафа“ кон Египет. Се евакуираат странски државјани со дозвола и повредени Палестинци. Египет соопшти дека нема да прифати прилив на бегалци, во страв дека Израел нема да им дозволи да се вратат назад. Белата куќа и натаму се залага за хуманитарна пауза.

„Целта е да се добие помош, да се извлечат луѓето што сакаат да се евакуираат. Израел изрази загриженост, бидејќи горивото би можело да биде искористено од Хамас“, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност, Џон Кирби.

Десетици камиони со хуманитарна помош влегоа во Газа. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен в петок најави посета на Израел.

 

Бојана Крстевски