Руско - украински конфликт

Руските сили нападнале повеќе од 100 локации во изминатото деноноќие

01.11.2023 14:53

Борбите во Украина продолжуваат. Украинската противвоздушна одбрана соборила 18 од 20 беспилотни летала Шахед. Вашингтон предупредуваат, доколку Конгресот не го одобри пакетот помош за Украина, војната оди во корист на Путин...

Борбите во Украина продолжуваат. Руските сили нападнале повеќе од 100 локации во изминативе 24 часа. Во текот на ноќта украинската противвоздушна одбрана соборила 18 од 20 беспилотни летала Шахед и една ракета. Регионалните власти известуваат за жртви и повредени.

„Се тресам оттогаш. Слушнав вресок и видов искршени прозорци. Како што ми кажаа, една жена почина, а неколкумина се повредени“, вели сведок на нападот.

Од Вашингтон предупредуваат, доколку Конгресот не го одобри пакетот помош за Украина, кој вклучува и помош за Израел во вредност од 105 милијарди долари, војната оди во корист на Путин.

„Во Украина, Путин почувствува дека може да не чека. И тоа е дел од неговата стратегија. Тој чувствува дека западот ќе се измори од поддршката на Украина и наскоро ќе го добие својот пат, тоа е случај ако не ја поддржиме Украина. Но, Путин нема да застане во Украина, ние го знаеме тоа“, изјави секретарот за одбрана на САД, Лојд Ости.

Од руската одбрана, велат дека украинските вооружени сили имаат неуспеси на бојното поле во обидите да ги нападнат Запорожје, Доњецк и Херсон.

„И покрај снабдувањето со нови видови оружје на НАТО, режимот во Киев е поразен. Групата руски трупи продолжува да спроведува активна одбрана, нанесувајќи му ефективна огнена штета на непријателот“, изјави рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу.

Според генералниот секретар на НАТО, Русија загубила десетици илјади војници и големи количини воен материјал, како и политичко влијание. Столтенберг дециден, војната на Блискиот Исток не смее да ја ослабне поддршката за Украина.

Маријана Димовска