Груевски: СДСМ и прави штета на државата
Според Груевски, опозицијата се одлучила за деструктивна политика откако увидела дека на изборите нема поддршка од граѓаните...

Социјалдемократскиот сојуз делува како возило пуштено по удлонина, без водач. Тие дејствуваат по инерција со главна стратегија - да нанесат што повеќе штета на Македонија, вели премиерот Никола Груевски за одлуката на СДСМ за откажувањето од пратеничките мандати и решението за дејствување надвор од институциите на државата.
„Ние во минатиот период видовме таков тип на делување од страна на Бранко Црвенковски. Видовме излегување на улиците, дебати по улиците. Видовме говори на коли, но видовме и како на тоа реагираа граѓаните на изборите- и кога Бранко Црвенковски излезе на избори и каков пораз доживеа, и кога Зоран Заев излезе на избори каков пораз доживеа“, истакна премиерот Груевски.
Реагираше СДСМ – велат дека ќе ги искористат сите демократски механизми за вонпарламентарното дејствување, а за тоа СДСМ и коалициските партнери не бараат дозвола од Никола Груевски, ниту пак тој тоа може да го спречи.
Сепак, според Груевски, опозицијата се одлучила за деструктивна политика откако увидела дека на изборите нема поддршка од граѓаните.
„Шансата на ваков начин да се загуби препораката од Европската унија е огромна. Мислам дека најсреќен човек во тој момент ќе биде Зоран Заев и ќе скока по еден метар во висина ако дознае дека Македонија ја загубила препораката. Граѓаните тоа го препознаваат, го препознаа и во минатото, а го препознаваат и сега. Тоа не е стратегија, тоа е деструктивна политика што ја водеше Бранко Црвенковски, а сега ја продолжува Зоран Заев“, изјави Груевски.
Груевски вели граѓаните не ги бирале пратениците на опозицијата за да земаат апанажа. Неговата проценка е дека на следните редовни избори СДСМ ќе ја доживее најголемата катастрофа што се однесува до поддршката од граѓаните.
Пратениците на опозициската партија вчера ги поднесоа оставките во Парламентот. Не им се приклучи либералдемократката Роза Топузова- Каревска.
Миле А. Ристески
