Продолжува финалето на плеј-офот во кошаркарското првенство

Реванш на Работнички или победнички двочекор на МЗТ Скопје

29.05.2014 15:22

Вечните македонски кошаркарски ривали, Работнички и МЗТ Скопје Аеродром, ги очекува втората пресметка од нивниот мајски серијал во борбата за шампионскиот пехар. Во Спортскиот Центар „Борис Трајковски“ вечер тие го продолжуваат финалето на плеј-офот во годинашното кошаркарско првенство.

Вечните македонски кошаркарски ривали, Работнички и МЗТ Скопје Аеродром, ги очекува втората пресметка од нивниот мајски серијал во борбата за шампионскиот пехар. Во Спортскиот Центар „Борис Трајковски“ вечер тие го продолжуваат финалето на плеј-офот во годинашното кошаркарско првенство.

Само 48 часа по триумфот на МЗТ од 96-79, Работнички овој пат е домаќин. Од позиција на претендент, нашиот најтрофеен тим е под притисок токму сега да го сопне досега неприкосновениот шампион, со оглед дека во случај на пораз, ќе се најде во ситуација веќе во наредниот меч од серијата до три победи да нема право на кикс. Фактот што завчера, иако можеби само едно полувреме, беше најмалку рамноправен на паркетот, сепак му влева надеж на тимот од „Градски Парк“ дека има потенцијал да ја продолжи серијата на повеќе од минимален број дуели.. Ако во вторникот само поединци беа на ниво, на Работнички вечер ќе му треба многу поквалитетно колективно издание, за да ја оствари целта.

Спроти нивниот нов судир, како ехо од првата средба се уште одѕвонуваат казните коишто ги заработија двата клуба. Ќе треба да платат вкупно 80.000 денари, со тоа што нешто подлабоко во касата ќе мора да нурне Работнички.. По 10.000 денари добија двата тима за националистичко скандирање, за фрлање петарди и за фрлање тврди предмети, по две илјади за неспортско навивање, додека Работнички ќе плати и додатни 16.000 денари поради техничката грешка на тренерот Емил Рајковиќ.

И вечерашниот меч во „Борис трајковски“ ќе почне во 19.30 часот, кога е закажан и директниот ТВ-пренос на Собранискиот сервис.