Костадиновска-Стојчевска: Младите уметници да продолжат да создаваат независно од технолошките иновации
Со краткиот филм „Тага“ во режија на Тина Величковиќ и дипломската театарска претстава „Вилицата на Ибен Бајерс“ во режија на Борис Василески, и двете целосно создадени од студентите на Факултетот за драмски уметности, вчера во Драмскиот театар во Скопје започнаа 31. Меѓународни средби на студенти од академии и од факултети за драмски уметности „Скомрахи 2023“...

Во официјалната програма на „Скомрахи 2023“ годинава ќе бидат прикажани 25 филма и 7 студентски пиеси, а дополнително ќе се реализираат и изложби, работилници, предавања и богата музичка програма.
Отворањето на средбите, заедно со многубројните студенти театролози и филмаџии од регионот и од Европа, го проследи министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која се осврна на темата во фокусот на „Скомрахи 2023“ – односот меѓу човекот уметник и вештачката интелигенција.
„Прекрасно е чувството да се биде во друштво со млади луѓе кои се дел од 31. „Скомрахи“, особено што на овогодишните средби во фокусот е една многу важна тема која има свои вредности и предности, но и различни начини на придонесување кон уметничката сцена и човечката креативност“ – рече министерката за култура по свеченото отворање.
Таа додаде дека ова се само неколку аспекти што може да бидат истражени и разгледани во контекстот на меѓународните студентски средби на Факултетот за драмски уметности. Важно е да се води дебата и да се истражуваат можностите за користење на вештачката интелигенција на најдобар начин за подобрување на образованието и искуството на студентите на факултетите за драмски уметности.
„Иако вештачката интелигенција може да создаде впечатливи слики, музика и текстови, таа нема длабока врска со човечките емоции. Затоа искрено мислам дека сè додека постојат уметниците, тие ќе изнајдат начини да ја искажат својата креативност“, рече министерката за култура, притоа порачувајќи им на младите уметници да продолжат да создаваат и да инспирираат бидејќи вистинската уметност произлегува од срцето и душата, независно од технолошките иновации што, несомнено, ќе продолжат да нè зачудуваат во иднина.
