ИЗРАЕЛ - ХАМАС

Израелските сили повторно го гранатираа бегалскиот камп во Газа

02.11.2023 09:53

Повторно напад на бегалски камп во Појасот Газа. Има загинати и ранети. Конфликтот меѓу Израел и Хамас се разгорува. Светот стравува од војната на Блискиот Исток. Кризата во енклавата се продлабочува. Бајден повика на „хуманитарна пауза“...

Тел Авив тврди дека ја пробиле првата одбранбена линија на Хамас во северниот дел на Газа. Офанзивата продолжува.

„Силите на дивизијата се длабоко во Појасот пред градот Газа. Се впуштивме во оваа војна за да го фатиме Хамас за раката со која избра да не задави“, изјави Ицик Коен, командант на 162. Оклопна дивизија на Израелските одбранбени сили.

Десетици загинати и повредени во вториот израелски воздушен напад врз Џабалија. Палестинските лекари соопштија дека во болница се донесени над 80 тела, најголемиот дел од нив жени и деца. Во очај се бараат преживеани под урнатините.

„Сестра ми сè уште е под урнатините, заедно со нејзините деца. Цели семејства се избришани и уништени се над 30 згради“, изјави Џабир Султан, жител на кампот Џабалија.

Речиси половина од болниците во Газа не работат поради бомбардирањата и недостигот на гориво, соопшти Министерството за здравство на Палестина.

„Болниците се проблем што не можеме да го игнорираме. Хамас ја спроведува својата логистика во близина на чувствителни објекти, во болници, користејќи го населението како жив штит“, изјави портпаролот на израелската одбрана, Даниел Хагари .

Трагедија без преседан, оценуваат од ООН.

„Тимот работи за да обезбеди и достави медицински материјали кои спасуваат животи. Дистрибуирани се во 7 болници низ Газа. За жал, ова е само капка во океанот на потребите“, информираше д-р Ричард Пиперкорн, претставник на СЗО.

САД бара хуманитарни паузи за да се олесни ослободувањето на заложниците на Хамас и да се достави помошта.

„Продолжуваме со хуманитарната поддршка за невините луѓе во Газа. Потврдуваме дека Израел има право да ги брани своите граѓани од терор, и тоа треба да го стори на начин што е во согласност со меѓународното хуманитарно право“, изјави американскиот претседател, Џо Бајден.

Во меѓувреме, неколку странски држави потврдија дека нивните граѓани безбедно преминале во Египет.

 

Бојана Крстевски