Гарет: Заеднички да ја придвижиме Македонија во НАТО и ЕУ
За пофалба се напорите што го остваруваат македонските војници во операциите на НАТО, ЕУ и ООН, а видлив е и придонесот на Македонија кон глобалната безбедност. Ова е пораката што Гарет му ја испрати на претседателот Иванов ...

Велика Британија силно ги поддржува македонските евроатлантски аспирации, но дали земјата ќе добие покана за членство во НАТО е се уште неизвесно. За проблемот со Грција за името, што е пречка за интеграција на земјата во Алијансата, новиот амбасадор на Обединетото Кралство вели дека се уште има време и дека преговорите се далеку од завршната фаза.
„Состојбата е комплексна, динамична, има многу можности и предизвици. Ако сите заедно работиме може да ја придвижиме Македонија во добра насока“, изјави Чарлс Гарет – амбасадор на Обединетото Кралство во Република Македонија.
За пофалба се напорите што го остваруваат македонските војници во операциите на НАТО, ЕУ и ООН, а видлив е и придонесот на Македонија кон глобалната безбедност. Ова е пораката што Гарет му ја испрати на претседателот Иванов на првата средба во резиденцијата на Водно при предавање на акредитивот. Иванов потсети на стратешките цели на државата и на исполнетите критериуми за членство во Алијансата и во Унијата.
„Република Македонија бара еднаков третман од земјите- членки на Европската унија, односно очекуваме позитивниот пример на паралелното движење на евроинтеграциите и надминувањето на билатералните прашања да биде применет и во нашиот случај“, истакна претседателот Иванов.
Иванов покрај британскиот, ги прими и акредитивите на новоименуваните амбасадори на Полска, Кина и Албанија.
Анита Димитријевска
