Израел

Израел повторно нападна терористичка ќелија на либанска територијата

02.11.2023 12:19

Се прелива ли конфликтот на Блискиот Исток. Израел повторно нападна терористичка ќелија на либанска територијата. Во Појасот Газа продолжуваат борбите. Пробиена првата одбранбена линија на Хамас...

Израел нападна терористичка ќелија околу областа Меис ел Џабал, која планирала да лансира противтенковски ракети од либанска територија. Елиминиран е уште еден вооружен одред на Хезболах во Либан. Во вкрстениот оган среде судирите загинаа две лица.

„Израелскиот непријател ладнокрвно застрела две лица додека ги паселе козите. Едниот 18, другиот 30 години. Нема ништо попредавничко и злосторничко од овој чин“, изјави Ахмад ал-Мохамед - раководител на областа Ал-Вазани

На јужните граници на Израел, во Појасот Газа продолжуваат борбите. Тел Авив тврди дека ја пробиле првата одбранбена линија на Хамас.

„Убиени се многу терористи. Борците продолжуваат да ги уриваат одбранбените линии на Хамас и да преземаат контрола над главните територии“, изјави Даниел Хагари - портпарол на израелската одбрана.

„Силите на дивизијата се длабоко во појасот пред градот Газа. Се впуштивме во оваа војна за да го фатиме Хамас за раката со која избра да не задави“, рече Ицик Коен - командант на оклопна дивизија на израелските одбранбени сили.

Претходно, загинаа десетици луѓе по вториот израелски воздушен напад врз Џабалија. Палестинските лекари соопштија дека над 80 тела биле донесени во болница, најголемиот дел од нив жени и деца. трагедија без преседан-оценуваат од ООН. САД бара кратки примирја за достава на помошта.

„Продолжуваме со хуманитарната поддршка за невините луѓе во Газа. Потврдуваме дека Израел има право да ги брани своите граѓани од терор, но во согласност со меѓународното хуманитарно право“, истакна Џо Бајден - претседател на САД.

Во меѓувреме, неколку странски држави потврдија дека нивните граѓани безбедно преминале во Египет. Изутрина преминот Рафа е повторно отворен, но и натаму само за оние кои имаат странски пасоши или двојно државјанство.

„Не сум среќна што го напуштам мојот дом, моите браќа и сестри, целото мое семејство е сè уште тука. Сакам сите да се на безбедно место. Ситуацијата таму е ужасна и многу лоша“, рече Мона.

„Секогаш, кога мислам дека е дојдено до најлошото, само продолжува да се влошува. Се обидуваме да направиме сè што можеме за да преживееме, бидејќи едноставно не сакам да умрам на 24 години“, додаде Тала.

Многу мал дел од вкупниот број луѓе кои се наоѓаат во моментов на границата, можат и да ја преминат. Вчера во Египет безбедно пристигнаа околу 400 луѓе. Денеска на списокот има околу 600 странски државјани. Конвој камиони со помош повторно влезе во опколената енклава.

 

 

Бојана Крстевски