МВР

Спасовски: Грижата за личното здравје е влог како во личните и професионални амбиции

02.11.2023 14:00

Спасовски истакна дека машкото здравје често е тема за која не се дискутира доволно отворено, иако генерално социјалните норми и предрасуди спречуваат мажите да бараат помош...

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денес со свое обраќање зема учество на трибината „И машкото здравје е важно“ организирана од Здружението за унапредување на здравјето „Филип Лукароски“ и Македонскиот полициски синдикат по повод месецот на машкото здравје. Спасовски истакна дека машкото здравје често е тема за која не се дискутира доволно отворено, иако генерално социјалните норми и предрасуди спречуваат мажите да бараат помош или ако сакате – дури и да зборуваат за своите здравствени проблеми а посочи на фактот дека и тие споделуваат подеднакво исти проблеми кога зборуваме за здравјето како и припадничките на понежниот пол.

Министерот образложи дека од круцијална важност е да почнеме поотворено и постручно да зборуваме како луѓе и како општество и на оваа тема – темата на машкото здравје, особено околу перспективите на концепциски осмислена превенција во насока на заштита и на машкото здравје, тргнувајќи пред сè од пораката дека не смееме да дозволиме да се води само индивидуална борба и тоа во „тишина“, надвор од нужната помош и поддршка.

„Би сакал да упатам и апел до колегите, вработени во МВР, не само заради почитување на пропишаните норми туку и заради непосредниот личен интерес да одат на редовни медицински прегледи и скрининг тестови, бидејќи покрај заедничките напори, потребно е подигнување на свесноста и индивидуална грижа за сопственото здравје.“, испрати порака Спасовски, подвлекувајќи дека грижата за личното здравје е влог како во личните и професионални амбиции, надежи и нивно остварување така и во иднината на нашето општество.