Случај „Онкологија“

ВМРО-ДПМНЕ обелодени нови сознанија и документи за скандалот на Онкологија

02.11.2023 14:52

Нови сведоштва, сознанија и документи за скандалот на Онкологија обелодени ВМРО-ДПМНЕ. Се заработува на пациентите болни од канцер, создадено е системско „диво месо“ на криминал и корупција, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Презентираше извештај од Фондот за здравствено осигурување за направен вонреден надзор за јавните набавки во периодот 1-ви август 2021 до 1-ви август 2023…

Иако лековите на Онкологија доцнеле, не бил испратен никаков допис, ниту бил раскинат договорот со добавувачите. Немало контрола при аплицирање на терапијата, а се давала и на пациенти кои требало да ја примат на друга клиника зашто нема потврда. Ова се дел од заклучоците за кои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека се засновани на документацијата што ја добиле од свиркачи. Станува збор за извештај на Фондот за здравствено осигурување по извршената вонредна финансиска контрола на јавните набавки на Министерството за здравство за периодот од 1-ви август 2021-ва година до 1-ви август годинава. Од опозициската партија обвинуваат за мафија која сè уште оперира и заработува на грбот на граѓаните.

Сите документи ќе бидат доставени до Јавното обвинителство, велат од опозициската партија. Предистрагата е во тек, се анализираат и вештачат документи и материјали, се врши распит на лица. Од ВМРО-ДПМНЕ побараа Анкетната комисија во Собранието да ги земе предвид и овие документи од извештајот на Фондот за здравствено осигурување.

 

Марија Котовска