Позитивната листа на лекови сè уште непроменета, нема ниту ленти и глукомери за дијабетичарите
Иако беше најавено дека во октомври ќе се прошири со нови современи лекови, ветувањата не се остварија. Причина биле бирократските процедури – тврди министерот за здравство. Нема промена ниту со набавката на ленти и глукомери за дијабетичарите. Се жалат дека со месеци сами се снаоѓаат со средствата за контрола на шеќерот во крвта…

Позитивната листа на лекови сè уште непроменета. Иако беше најавено дека во октомври ќе се прошири со нови современи лекови, ветувањата не се остварија. Причина биле бирократските процедури – тврди министерот за здравство.
Процесот го пролонгирале пропусти во тендерската документација на фармацевтските компании. Меџити уверува дека позитивната листа месецов ќе биде надополнета со нови лекови и цитостатици и нејзиното ревидирање ќе продолжи два пати годишно. Не е ажурирана 15 години.
Нема промена ниту со набавката на ленти и глукомери за дијабетичарите. Се жалат дека со месеци сами се снаоѓаат со средствата за контрола на шеќерот во крвта. Во инсулинските аптеки нема ленти. Дијабетичарите кои дојдоа да земат инсулин ќе мора да позајмат или да ги купат приватно за да знаат колку терапија да примат. Секојпат добиваат ист одговор – ленти ќе има следниот месец.
„Игли не ми дадоа сега, а ленти нема. Секој месец доаѓам и велат другиот месец. Од брат ми зедов, имаше резерва, тој ми даде. Другиот месец, секој месец тоа, кога и да прашам викаат другиот месец. Шеќерот не можеме да го мериме, не знам колку да примам шеќер, дали да примам колку дозата што ми е, помалку или повеќе не знам, не го мерам шеќерот“, вели еден граѓанин кој е дијабетичар.
Министерот за здравство и за овој проблем тврди дека е надминат – следната недела лентите за мерење шеќер ќе бидат во инсулинските аптеки.
„Има административни процедури кои треба да се завршат и за брзо време ќе бидат распределени низ аптеките. Мислам дека за една недела ќе се заврши. Имаше пропуст, побаравме од компанијата упатството да биде во кутијата“, изјави министерот Меџити.
Дијабетичарите предупредуваат ако не се реши проблемот, здравствената состојба може дополнително да им се влоши.
Проблемите на дијабетичарите траат 10-тина месеци. Откако претходното раководство не го потпиша тендерот за набавка на ленти и глукомери, па дијабетичарите мораа да ги купуваат приватно од сопствен џеб.
Андријана Ѓурческа
