Свет

Путин ја укина забраната за нуклеарно тестирање

02.11.2023 17:00

Рускиот претседател Путин го потпиша законот со кој се поништува ратификацијата на спогодбата за забрана на нуклеарните проби. Аналитичарите се загрижени од потегот во екот на војната во Украина која денеска го бележи 617 ден. Во воени услови, Украинците се подготвуваат за претстојната зима …

Во Запорожје, дрон уништува германски тенк „Леопард“ во состав на украинската армија што се обидува да ги нападне руските позиции. Над 600 денови војна во Украина и најмасовен напад на руските сили. Дури 118 населби се гранатирани во последното деноноќие. Кремљ тврди дека тврдењето на Киев дека војната е во ќор-сокак е апсурд.

„Не е ќор-сокак. Ја спроведуваме специјалната операција сè додека сите цели бидат постигнати. Сите зборови на Киев за нивна победа се глупост. Треба што побрзо го разберат тоа“, вели Дмитри Песков – портпарол на рускиот претседател.

Авдијивка е на ударот и е на самата фронтална линија. Градот веќе не постои и поради канонадата од проектили е непристапен. Украинците ги санираат штетите во Изиум, во Харковската област и во Купјанск и се подготвуваат за претстојната зима.

„Потпишавме договор со меѓународната организација за миграција. Ќе ги обноват сите куќи кои се оштетени. Веќе се потпишани договорите со станарите и подготовките се во тек“, изјави Серхиј Стариков – шеф на воената област на Шефченивскија.

„Најважно е што броилата за природен гас и струја не се оштетени“, вели Павло Милер – жител на Хроза.

„Поради бомбардирањето, готвевме на циглите. Мрзневме, немаше греење. Сега имаме печки“, изјави Наталија Копил – жителка на Изиум.

„Градот е во близина на фронтот, се може да се случи. Ако нема струја и плин, овие печки ќе ни се најдат барем за греење“, рече Валери Марченко – шеф на воената област на Изиум.

Пред изборите за европските пратеници, меѓу кандидатите за проширување на Унијата е и Киев, оцени во Берлин германската министерка за надворешни.

„Сакаме Украина да стане членка на Европската унија. На овој пат ќе ве придружуваме финансиски, структурно и материјално, геополитичките причини кои се на страната на Украина, Молдавија и Грузија, исто така се однесуваат и на Западниот Балкан и покрај 20-годишните неуспеси“, нагласи Аналена Бербок – министерка за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

Папата Фрањо во Рим ги посети гробиштата од Комонвелтот од Втората Светска војна. Жртвите се од 20 до 30-годишна возраст, рече поглаварот на светиот престол потсетувајќи дека загубените деца во земјите победнички биле прогласени за херои, но дека родителите останале без нив.

Зоран Богатинов