Охрид

Отворена Првата Конференција за патна инфраструктура

02.11.2023 17:54

Премиерот Ковачевски во своето обраќање пред присутните истакна дека Владата се наоѓа во голем инвестициски циклус, каде примарен фокус е изградбата и модернизацијата на патната инфраструктура низ целата држава.

Денеска и утре во Охрид се оддржува Првата конференција за патна инфраструктура, во организација на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите, на која активно учество земаат претставници на Владата на Република Северна Македонија, претставници на Стопанската Комора на Македонија, универзитетски професори, како и претставници од стручната фела од делот на градежништвото и инфраструктурата.

Со свои поздравни обраќања пред присутните Конференцијата официјално ја отворија претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, првиот вицепремиер на Владата, Артан Груби, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, како и претседателот на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора, Андреа Серафимовски.

Премиерот Ковачевски во своето обраќање пред присутните истакна дека Владата се наоѓа во голем инвестициски циклус, каде примарен фокус е изградбата и модернизацијата на патната инфраструктура низ целата држава.

Фокусот на Конференцијата е преку јавна дебата и дискусија да се отворат најзначајните прашања поврзани со патната инфраструктура во земјата и јавноста од блиску да биде запознаена со сите детали во делот на изградбата на државните патишта.