Филип Морис ќе донесе двојно поголем пласман на цигарите
Во Прилепскиот комбинат задоволни од договорот со Филип Морис. Ќе донесе сигурност, вложувања и можна приватизација...

Во Прилепскиот комбинат не го кријат задоволството од потпишаниот договор со светскиот гигант Филип Морис. Тој ќе донесе двојно поголем пласман на цигарите на домашниот пазар, вложувања во фабриката за цигари, сигурност за комбинатот и кооперантите. За раководството не е исклучена и приватизација на комбинатот
Деновиве ќе се формира, а од август ќе профункционира новото друштво Филип Морис-тутунски комбинат, Идната десетгодишна соработка со светскиот гигант ќе ги пласира брендовите на тутунскиот комбинат, а потоа и на Филип Морис на домашниот пазар. Новото друштво ќе вложи во фабриката за цигари, резимира раководството на комбинатот задоволно од постигнатиот договор.
„За да започне оваа соработка што е можно побрзо, прво ќе почне, односно ќе продолжи производството на нашите брендови“, вели генералниот директор на прилепскиот тутунски комбинат Александар Дерменџиев.
Новото друштво прво ќе ги продава брендовите на тутунскиот комбинат, а откако ќе се осовремени производството, и на Филип Морис. Сегашното присуство на домашниот пазар на Тутунскиот комбинат е 18 насто, а на Филип Морис- 4 насто. Интенција е сето тоа двојно да се зголеми.
Финасиската позитива комбинатот ја очекува за две години и да се симне од листата на загубари. За премиерот Никола Груевски, влегувањето на еден ваков индустриски гигант број еден во светското производство на цигари значи застанување на комбинатот на здрави нозе, сигурност за кооперантите- тутунари и сигнал за новите големи инвеститори дека во Македонија има поволна бизнис клима.
„Филип Морис се обврзува да откупува значителни количества тутун“, вели Дерменџиев.
Договорот може да донесе и приватизација.
„Сосема е можно овој вид соработка да се претвори во приватизација на комбинатот“, додава Дерменџиев.
Брендовите на комбинатот преку новото друштво ќе излезат на пазарот кон крајот на годинава.
Елизабета Митреска
