Израелската војска продолжува со копнената офанзива
Ракетни напади од Либан во северен Израел. Тел Авив ги прекинува сите контакти со Газа. Преку преминот Рафа поминаа 102 камиони со хуманитарна помош…

Дваесет и осми ден од судирите меѓу Израел и Хамас. Премиерот Нетанјаху објави дека борбите во Појасот Газа го достигнале својот врв, а војниците на неговата земја бележат голем напредок. Прашањето за прекин на огнот не е на маса во моментов. Прекинати се сите врски со енклавата, се протеруваат Палестинци, вработени во Израел.
„Израелските одбранбени сили го завршија опкружувањето на градот Газа, центарот на терористичката организација Хамас. Артилериските и пешадиските сили во соработка со воздухопловните сили напаѓаа бази, штабови, концентрациони точки и друга инфраструктура што ја користи Хамас“, изјави портпаролот на израелската одбрана, Даниел Хагари.
Државниот секретар на САД, Блинкен на нова турнеја на Блискиот Исток на разговори во Израел и Јордан. Од Вашингтон се надеваат дека евакуацијата на цивилите ќе продолжи. Претставничкиот дом на САД го усвои републиканскиот план со кој би се обезбедиле 14,3 милијарди долари помош за Израел. Портпаролот на Советот за национална безбедност вели дека претседателот Бајден ќе стави вето на секој нацрт-закон што не вклучува пакет финансиска поддршка и за Украина.
„Тоа што можеме да ги извлечеме нашите луѓе надвор е добра работа за Газа. Тоа е добра работа за Американците кои се држат како заложници. И тоа нема да го спречи Израел да се брани бидејќи безбедносната помош што ја даваме продолжува да тече. И привремена пауза не значи општ прекин на огнот. Тоа значи пауза за одредена цел“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност.
Министерството за здравство во Газа, кое го води Хамас, соопшти дека од почетокот на конфликтот загинале или се исчезнати повеќе од 11.000 луѓе. Палестинската Црвена полумесечина објави дека 102 камиони со хуманитарна помош влегле во Газа преку египетскиот премин Рафах. Првпат, по отворањето на преминот на 21-ви октомври, поголем број камиони наеднаш влегоа во енклавата. ООН предупредуваат дека Палестинците се изложени на висок ризик од геноцид.
Маријана Димовска
