Замрзнати југословенски пари: Државите наследнички ќе поделат 25 милиони евра
Во прашање е износ од 24,44 милиони евра и тоа без камата на средствата, а кои беа блокирани од 1996-та година...

Државите наследнички на поранешна Југославија со судска пресуда го добија правото да поделат 25 милиони евра од фондовите на поранешната Народна банка на СФРЈ, кои беа замрзнати во Франција, соопштија храватски и босански медиуми повикувајќи се на извори од нивните министерства за финансии.
Управниот суд во Париз во мај донел правосилна пресуда за одмрзнување на средствата на Централната банка на поранешната заедничка држава што биле на сметките на банките Кредит Лионас и Кредит Агриколе.
Во прашање е износ од 24,44 милиони евра и тоа без камата на средствата, а кои беа блокирани од 1996-та година.
Овие пари треба да бидат распоредени меѓу земјите наследнички на поранешната СФРЈ според порано постигнатиот договор за сукцесија.
Француската банка не дозволуваше досега да се располага со овие пари без судска пресуда.
Договорот за сукцесија на имотот на поранешна СФРЈ државите наследнички го потишаа во 2001-та година, а во анексот Ц од договорот е дефинирана поделбата на расположливите финансиски средства.
Сеуште постојат пречки околу средствата што се наоѓаат на девизните сметки на поранешна СФРЈ што се наоѓале во југословенските банки за странски вложувања во странство и тоа во износ од 645 милиони долари.
Според договорот за сукцесија, на Република Македонија од целокупниот имот, но и од долговите на поранешната држава и припадна 5,40 насто.
Мирјана Василева
