Бурата „Кијаран“ пустоши низ Европа, неколку луѓе загинаа
Бурата „Кијаран“ ја пустоши Западна и Централна Европа. Донесе силни ветрови и изобилни врнежи. Има над 10 загинати. Милиони домаќинства останаа без електрична енергија, патните и железничките врски блокирани. Предизвикана е голема материјална штета...

Загинати и повредени во налетот на бурата „Кијаран“ во Европа. Ветрови до 200 км на час, дожд и бранови до 9 метри предизвикаа паѓања на дрвја, штети на куќи, лизгање на земјиштето, откажување на летови и возови, затворање на пристаништа.
Во најлошата бура од 87-та во Обединетото Кралство, луѓе биле евакуирани од оштетени домови и поради опасност од поплави.
„Сè што градевме во нашата куќа во изминативе 50 години е уништено“, изјави жител.
„Имаше стакло од прозорците насекаде во собата и врз колевката на детето“, изјави жителка.
Во Мадрид 23-годишна жена загина од паѓање на дрво, а уште три лица се повредени.
„Дрвото беше високо околу 20 метри со тежина од 2.000-2.500 кг и, за жал, не можевме ништо да направиме за да ја спречиме катастрофата“, изјави Роберто Мореира Морено, раководител на пожарникарскиот оддел на Мадрид.
„Кога излеговме со ќерката дрвото падна врз автомобилот“, рече Федерико, сопственик на оштетен автомобил.
Бурата „Кијаран“ го погоди западниот дел на Белгија. Противпожарните бригади во Фландрија и Брисел примиле над 1.000 повици за штети од невремето. Во Гент паднало дрво врз две лица кои се движеле во паркот, при што еден загинал. Едно лице загинало и во Холандија од пад на дрво. Поради силните ветрови откажани се многу летови во Хаг и Ротердам.
„Тоа во моментов се однесува на неколку стотици летови“, изјави Вилемаике Костер, портпарол Шипхол.
Возач на камион загина североисточно од Париз кога дрво паднало врз неговиот камион. Околу 1,2 милиони домови во Франција останаа без електрична енергија.
„Навистина има големи налети, навистина ќе ве издува“, рече жител.
„Бев во мојата кујна со малиот, го хранев. Бурата ги однесе дрвото и покривот“, додаде жителка.
Невремето предизвика материјални штети и во Словенија, Хрватска.
Ирина Гелевска
