ИЗРАЕЛ-ХАМАС

Опколен градот Газа, израелската војска оперира од воздух

03.11.2023 12:03

Израелската армија го опколи и почна да влегува во градот Газа. Прекинати се врските со Појасот, се протеруваат палестинците вработени во Израел. На северот на енклавата и на границата со Либан се водат жестоки борби. Ранети, странци и двојни државјани се евакуираат преку преминот „Рафа“. Американскиот државен секретар Блинкен пристигна во посета на Израел...

28-ми ден од судирите меѓу Израел и Хамас. Борбите се водат во пет различни области во Појасот Газа. Израелската армија оперира од воздух, море и од копно. Тел Авив објави дека ги прекинува сите врски со енклавата, се протеруваат Палестинци. Прашањето за прекин на огнот не е на маса во моментов. Војската тврди дека возвраќа на нападите врз позиции на Хезболах во Либан.

„Ние сме во висока подготвеност на северот и можеме да одговориме на секој инцидент. Иран продолжува да ги повика полномошниците и им доставува иранска муниција како што тоа го правеше во Украина, Јемен и во Ирак против американските трупи. Сега продолжува да го прави истото против државата Израел обидувајќи се да не одврати од војната во Газа“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Државниот секретар на САД, Блинкен, на нова, трета турнеја на Блискиот Исток откако почнаа битките меѓу Израел и Хамас. Од Белата куќа велат дека не се залагаат за општ прекин на огнот.

„Остануваме на ставот дека Израел има право и обврска да се брани себеси, но во исто време да ги заштити цивилите и да им помогне на оние на кои им е потребна поддршка. Работиме заедно и за ослободување на многуте заложници. Ќе направиме се за да ги вратиме дома безбедни“, изјави Ентони Блинкен – државен секретар на САД.

Претставничкиот дом на САД синоќа го усвои републиканскиот план за 14,3 милијарди долари помош за Тел Авив. Претседателот Бајден се закани со вето на секој Нацрт-закон што не вклучува пакет финансиска поддршка и за Киев. Од 10. лидерски самит на Организацијата на туркиски држави, во Астана, Казахстан, упатена порака да запрат нападите и се обезбеди хуманитарна помош за цивилите“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.

„Во Палестина пред очите на целиот свет се случува огромна хуманитарна трагедија. Во Газа се врши злосторство против човештвото во текот на овие 28 дена. Наш приоритет е да се воспостави хуманитарен прекин на огнот што е можно поскоро и да изградиме почва за меѓународна мировна конференција. Ние и светот мораме да работиме заедно за да го отвориме патот кон прекин на огнот и долготраен мир потоа“, изјави Реџеп Тајип Ердоган-претседател на Турција.

Министерството за здравство во Газа, кое го води Хамас, соопшти дека од почетокот на конфликтот загинале или се исчезнати повеќе од 11.000 луѓе. ООН предупредуваат дека Палестинците се изложени на висок ризик од геноцид.

 

Маријана Димовска