Марин Ле Пен тврди дека нема да се здружи со Златна зора
Претседателката на француската крајно десничарска партија Националниот Фронт – Марин Ле Пен, по изборната победа во Франција се подготвува да создаде политичка група во Европскиот парламент, преку која ќе ги дифузира своите идеи ширум Европа. Таа тврди дека нема да има компромис со грчката неонацистичка Златна зора...

По протестите во Брисел и Лил, денес слични протести се одржуваат и во дваесетина француски градови. Но тоа не ја спречува Марин Ле Пен да ликува. Таа доби меѓународeн углед во Европскиот парламент. Придружувана од лидерите на уште четири крајно-десничарски партии, Герт Вилдерс претседателот на холандската ПВВ, Матео Салвини Генералниот секретар на Северната лига на Италија, Харалд Вилимски Генералниот секретар на австриската ФПО и пратеникот Геролф Анеманс од фламанската Влам’с Беланг, таа најавува дека ќе создаде парламентарна група за да се бори против европската интеграција.
„Ние воопшто не сме загрижени за идното постоење на нашата група, бидејќи групите треба да бидат создадени пред првата сесија на почетокот на јули“, изјави Марин Ле Пен.
Политичката група отвора пристап до дополнителни финансии, асистенти, повеќе време за дискусии, повидливи места во Комисиите на ЕП, известувачи и членство во бирото на ЕП каде се договораат компромисите.
Марин Ле Пен околу себе засега обедини 36 европратеници од пет земји, и недостигаат само уште европратеници од две други земји.
„Сите знаеме дека имаме потреба од седум, но верувам и сите сме убедени дека ако не утре, тогаш во наредените недели ќе успееме да создадеме сојуз од седум партии од најмалку седум земји“, вели Герт Вилдерс (ПВВ).
Марин Ле Пен уште еднаш негираше дека бара компромис со неонацистичката Јобик од Унгарија и грчката Златна Зора.
„Ние не очекуваме да се здружиме ниту со Јобик , ниту со Атака, ниту со другите вакви движења“, истакна Ле Пен.
Другиот голем победник кај еврофобите, британецот Најџел Фараџ искучува било каков сојуз со НФ, за кој смета дека е расистичка партија.
Марин Ле Пен е убедена дека ќе успее да создаде политичка група, што ќе претставува вистински Тројански коњ во Европската Унија.
Тони Гламчевски
