Македонија

МНР: Тројца наши државјани ја напуштија Газа

03.11.2023 14:05

Тројца македонски државјани, татко и две деца се евакуирани од Газа. Се враќаат дома. Во Газа има уште двајца наши граѓани, брачен пар кои се исто така вклучени во официјалните листи за евакуација. Се чекаат поволни околности на терен за нивно извлекување …

Татко и две малолетни деца безбедно се евакуирани преку преминот Рафа и преку Египет ќе дојдат во земјава. Од МНР велат – со нив е и нивната мајка, која има палестински пасош. Евакуацијата на нашинците течела со помош на амбасадата во Каиро. Тимот македонски дипломати ќе асистира и при извлекувањето на брачниот пар од Газа. Кога тоа ќе се случи зависи од околностите на терен.

„Во Газа има уште двајца наши граѓани, брачен пар, кои се исто така вклучени во официјалните листи за евакуација, но нивното напуштање на Газа зависи од околностите на терен, односно безбедносната проценка кој дел од Газа е најпогоден, а со тоа и потребата за итна евакуација на странските државјани“, велат од МНР.

Љупчо Тасевски кој се наоѓа во Тел Авив за МТВ вели дека е во комуникација со нашинците во Израел. Појасни дека тие се наоѓаат на безбедни локации.

Властите на Газа објавија список со 596 странски државјани и лица со двојно државјанство од 15 земји на кои им е дозволено да го напуштат Појасот, а меѓу нив се и неколкутемина македонски државјани.

Откако избија воените дејствија меѓу Израел и Палестина, домашните институции идентификуваа околу 150 нашинци затекнати на нивна територија. За да ги избави од воените жаришта, Владата изнајми авион и со чартер-лет голем дел од нив донесе дома.

Во авионот за Скопје се качија 67 македонски државјани, додека 60-ина луѓе, постепено, во неколку наврати се евакуираа преку други земји.

 

Анита Димитријевска – Велковска