Случај „Онкологија“

Клиниката за онкологија ги отфрли тврдењата на Мицкоски

03.11.2023 14:37

Финишира работата на Анкетната. По наводите на Мицкоски, се бара проширување на истрагата. Клиниката за онкологија ги отфрли наводите на ВМРО-ДПМНЕ и образложи – терапијата се троши побрзо од планираното поради новите пациенти...

По обвинувањата на Мицкоски дека скандалот на Онкологија сè уште трае, за што побара да се прошири работата на Анкетната комисија, се огласи клиниката – ги отфрли наводите дека неправилностите продолжиле и во последниве две години.

Оттаму образложија количините лекови се повлекуваат на месечно ниво, но бидејќи се зголемува бројот на нови пациенти, се случува да се потрошат порано од планираното, па тогаш на добавувачите им треба време да направат испорака. Дополнителен проблем, според Клиниката, е што за дел од лековите има глобален недостиг.

„Апелираме и замолуваме да се престане со политизација на судскиот процес и оцрнување на Клиниката. Клиниката е транспарентна и отворена за сите институции за овој случај, вклучително и за Анкетната комисија“, соопштија од Онкологија.

По наводите на Мицкоски, претседателката на анкетната бара продолжување на рокот за работа на Комисијата за да се прошири опфатот и на периодот во последните две години.

Од СДСМ го обвинија Мицкоски дека свесно ја загрозува истрагата.

„Одговорност за сите инволвирани во случајот на Клиниката за онкологија ќе има, независно од политичката или етничка припадност“, велат Социјалдемократите.

Паралелно со тоа што се случува во Анкетната комисија, постапка со учество на пациентите е отворена и во Обвинителството, но оттаму велат дека е рано да се споделуваат детали во оваа фаза.

 

Ана Јосифовска Тодоровска