Измените на Кривичниот законик ја запреа постапката за случајот „Траекторија“
И предметот „Траекторија“ оди во заборав. Измените на Кривичниот законик ја запреа постапката за кинеските автопатишта...

Поради измените во Кривичниот законик, запре кривичната постапка за случајот „Траекторија“, кој беше отворен од поранешното Специјално јавно обвинителство, а се однесува на постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.
Обвинети во овој случај беа ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и директорот на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Тие се гонеа за делото- злоупотреба на службената положба и овластување.
За кривично дело, примање награда за противзаконито влијание, во истиот случај обвинет е и поранешниот премиер Никола Груевски.
Ова решение следува на предлог на Јавното обвинителство, поради, како што рече обвинителката Лиле Стефанова, тоа го прави заради донесување на измените на Кривичниот законик во Собранието со кои се намалија казните, а со тоа застареле и кривичните дела кои им се товарат на обвинетите.
Трошоците за постапката, согласно донесеното решение, паѓаат на товар на државата. Судењето за овој предмет почна во 2018-та година и никогаш не доби правосилна пресуда.
Претходно застареа и предметите „Таргет-Тврдина“, кој се однесува на масовното прислушување во државата и „Титаник 2“, за изборни нерегуларности сторени на локалните избори во 2013-та година.
Марина Стојанова Тонева
