Младите во Штип секојдневно добиваат решение за работа

29.05.2014 17:00

20 млади дневно добиваат решение за работа...

Со Владината мерка за вработување, околу 20 млади дневно добиваат решение за работа. За само 76 денови од имплементацијата на мерката ослободување од социјални придонеси за секоја компанија која ќе вработи  лица до 29 години, со работа почнале 1.637 невработени.

„Уште еднаш би сакал да ги поттикнам приватните компении да земат учество во истата да ја искористат, зашто ослободувањето е навистина големо, до 37 % од просечната бруто плата во Република Македонија, цели 12 месеци“, вели Диме Спасов, министер за труд и социјална политика.

Грижата за вработување на младите почнува уште на факултетите каде, во соработка со УНДП се отвораат инфо клубови.

„Целта е да ги доближиме сите релевантни информации за слободни работни места, за можности за вработување, за активни мерки и политики што ги реализираме како Влада на РМ“, вели Спасов.

Бенефитот од овие инфо клубови ќе го почувствуваат и студентите и Универзитетите.

„Ќе може да дознаеме многу корисни работи за наше понатамошно унапредување“, изјави Иван Ангелов, студент по информатика.

„Што повеќе кадри кои завршиле на Универзитетот се вработат и полесно добијат работа, значи дека и самиот Универзитет е поуспешен и подобар“, вели проф. д-р Саша Митрев, ректор на УГД.

Инаку, во државата вработување чекаат околу бројот 28.000 млади до 29 години, што е 27 отсто од вкупниот број на невработени.

За бројот на вработени да се зголеми, наскоро Владата ќе понуди и поволни кредитни линии  за самовработување и вработување на млади до 29 години.

 

Оливера Жежова