Макфест во сосема ново светло

29.05.2014 17:01

Под покровителство на Македонската радио-телевизија, 30 изведувачи и композиции во обид да останат запаметени...

Штип, по 29-ти пат ќе биде домаќин на годинашниот Макефест. Ќе учествуваат докажани и нови македонски изведувачи на забавни ноти. Фестивалот со традиција и докажан квалитет ќе се одржи од 5 до 7 јуни, наместо како што беше досега, во октомври. Под покровителство на Македонската радио-телевизија, 30 изведувачи и композиции во обид да останат запаметени... Во музичкиот натпревар ќе се обидат да освојат една од трите вредни награди, како што се наградите за најдобар дебитант и за сценски настап.

„Од оваа година, наместо со жири-комисии, композициите беа избирани со селекциони комисии кои беа составени од членови кои беа лотариски избирани  на денот на избирањето, кои беа поделени потоа во две комисии и така што двете селекциони комисии истовремено ги слушаа сите 84 пристигнати песни“, - изјави Дарко Мијалковски, директор на Макфест.

„Во живо ќе биде со музика и со пеење. Се надевам и сигурен сум спрема тоа што гледам пробите како течат во МРТ со ревискиот оркестар дека ќе имаме врвен квалитет на изведба и на пеачи“, рече Оливер Арсовски- уметнички директор.

„Без разлика дали она е наша изворна или забавната музика навистина има традиција, затоа што нашиот народ знае, се што отпеал го отпеал со љубов, со силна емоција и затоа нашите песни се доживуваат на посебен начин. Ние како Штип  спремни го дочекуваме фестивалот“, истакна Илчо Захариев- градоначалник на Штип.

Во двете полуфинални вечери ќе настапат по 15 изведувачи. Од нив, најдобрите девет од првата и од втората вечер ќе настапат во финалето и ќе се борат за некоја од престижните награди на популарниот Макфест.

Преносот ќе го врши МРТ, со почеток од 20 часот и 30 мин.

 

Сања Спиридонова