Стабилен курс и ниска инфлација - стратегиски цели на НБРМ

29.05.2014 17:08

Стратегискиот план за наредните три години претставува продолжение на претходно утврдените стратегиски цели во областа на утврдувањето и спроведувањето на монетарната политика и поддршката на финансиските пазари, управувањето со девизните резерви, одржувањето на финансиската стабилност, издавањето и управувањето со книжните и кованите пари...

Ниска и стабилна инфлација, со одржување стабилен курс на денарот во однос на еврото. Ова се стратешките цели на Народната банка, која во наредниот период ќе работи на обезбедување финансиска стабилност, како предуслов за остварување економски раст и просперитет.

Како што наведуваат во соопштението, стратегискиот план за наредните три години претставува продолжение на претходно утврдените стратегиски цели во областа на утврдувањето и спроведувањето на монетарната политика и поддршката на финансиските пазари, управувањето со  девизните резерви, одржувањето на финансиската стабилност, издавањето и управувањето со книжните и кованите пари, платните системи, статистиката, истражувањата и внатрешната ревизија. Воедно, Народната банка и натаму ќе го развива корпоративното управување и ќе го продлабочува системот на вредности. Во таа смисла, посочуваат од НБРМ,  ќе продолжи процесот на создавање современ и компетентен човечки капитал, воспоставување на најновите технолошки иновации во деловните процеси и на развивање на соработката со домашните и странските институции.