ИЗРАЕЛ-ХАМАС

Жестоки битки на северниот дел од Газа

04.11.2023 10:33

Во израелски воздушен напад врз амбулантни возила за евакуација на ранетите во северниот дел на газа, 15 загинати, 60 ранети,соопшти Министерството за здравство кое е под контрола на Хамас. Генералниот секретар на Обединетите Нации, „згрозен од нападот“. Гутереш побара конфликтот итно да престане...

29-ти ден од конфликтот меѓу Израел и Хамас. Израелските власти велат дека напредуваат во Појасот Газа според планот и дека нападите на Хамас ќе се намалат. Жестоки битки се водат на северот од енклавата. Системот за воздушна одбрана пресретнал четири ракети од Газа истрелани кон Тел Авив. ООН со осуда за нападите врз хуманитарни конвои и медицински возила.

„Ги елиминираме теренските команданти на Хамас над и под земја. Од почетокот на војната, заедно со службата за безбедност убивме 10 терористи на Хамас со чинови команданти на полкови и команданти на бригади. Тоа се оние кои ги водат борбите против нашите сили. Тие се и оние кои го испланираа ужасниот масакр на 7-ми октомври“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Водачот на либанската група Хезболах изјави дека неговата моќна милиција е ангажирана во прекугранични борби со Израел и се закани со ескалација на состојбата. Според него, милитантната организација немала никаква врска со нападот на Хамас врз Израел на 7-ми октомври и дека тоа е исклучиво палестинска работа.

„Владите во арапските и муслиманските земји треба да ги вложат сите свои напори за целосно запирање на израелското бомбардирање. Не е доволно само да има изјави со кои се осудува. Пресечете ги односите, повлечете ги вашите амбасадори. Не е доволно само да се одржуваат говори“, изјави Саид Хасан Насрала, лидер на Хезболах.

Членовите на Организацијата за исламска соработка, од седиштето Обединетите Нации побараа итен прекин на огнот и предложија нафтено ембарго за Израел.

„Зошто има двојни стандарди? Зошто пораката е различна кога се случи конфликтот во Украина? Тоа е прашањето што го поставува светот. Затоа, денес е време да работиме заедно за да спасиме животи. Нема оправдување двапати да се бомбардираат бегалски кампови како Џабалија. Нема оправдување да се таргетираат болниците според таканареченото право на одбрана“, изјави Тахер М. Ел-Сони – постојан претставник на Либија во ООН.

Американскиот државен секретар Блинкен, вчера на својата трета посета на Тел Авив откако почна војната, повтори дека Израел има право да се брани, но и дека е важен начинот на кој тоа го прави. Израелскиот претседател тврди дека палестинските цивили се предупредуваат секој пат пред воздушните напади.

 

Маријана Димовска