Жестоки битки и натаму се водат во северниот дел на Газа
29-ти ден од конфликтот меѓу Израел и Хамас. Жестоки битки се водат на северот од Газа. Израелската одбрана информира дека елиминирале членови на Хамас и на југот од Појасот. Пресретнати проектили истрелани од либанска територија кон северниот дел на Израел. Обединетите Нации со осуда за нападите врз цивили и медицински персонал …

Израелските власти велат дека напредуваат во Појасот Газа според планот и очекуваат нападите од страна на Хамас да се намалат. Жестоки битки и натаму се водат во северниот дел на енклавата. Во текот на ноќта израелската војска извршила напад и во јужниот дел на Појасот при што се ликвидирани неколку оперативци на Хамас. Системот за воздушна одбрана пресретнал четири ракети истрелани од Газа кон Тел Авив. Два проектили беа истрелани од либанска територија кон северниот дел на Израел.
„Ги елиминираме теренските команданти на Хамас над и под земја. Од почетокот на војната, заедно со службата за безбедност убивме 10 терористи на Хамас со чинови команданти на полкови и команданти на бригади. Тоа се оние кои ги водат борбите против нашите сили. Тие се и оние кои го испланираа ужасниот масакр на 7-ми октомври“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.
СЗО и ООН го осудуваат нападот врз амбулантни возила во Газа, велејќи дека болниците и пациентите мора да бидат заштитени. Генералниот секретар Гутереш повторно повика на прекин на огнот и ослободување на заложниците. Откако граничниот премин Рафах беше отворен за странски државјани, жителите на Газа заробени на преминот очајно се надеваат дека ќе запре конфликтот.
„Мислам дека сите што се во Газа се едвај живи. Не можам да замислам што му треба на светот за да види повеќе од овој геноцид за да побара прекин на огнот или да престане сето она што се случува во изминатите денови. Се обидувавме да обезбедиме храна, вода, гориво, ништо нема“, вели Тала, жител на Газа.
По вчерашното обраќање на водачот на Хезболах, кој не ги обврза своите борци да тргнат во сеопфатна војна, од Пентагон велат дека е избегнат поширок конфликт на Блискиот исток.
„Во моментов гледаме дека овој конфликт е содржан меѓу Израел и Хамас. Генерално кажано, поширок регионален конфликт е спречен. И затоа ќе продолжиме да го правиме тоа. Не бараме никаков конфликт со Иран. Ние не бараме конфликт во целиот регион“, изјави бригаден Генерал Патрик С Рајдер-портпарол на Пентагон.
Членовите на Организацијата за исламска соработка, од седиштето Обединетите Нации побараа итен прекин на огнот и предложија нафтено ембарго за Израел.
„Зошто има двојни стандарди? Зошто пораката е различна кога се случи конфликтот во Украина? Тоа е прашањето што го поставува светот. Затоа, денес е време да работиме заедно за да спасиме животи. Нема оправдување двапати да се бомбардираат бегалски кампови како Џабалија. Нема оправдување да се таргетираат болниците според таканареченото право на одбрана“, изјави Тахер М. Ел-Сони, постојан претставник на Либија во ООН.
Американскиот државен секретар Блинкен ја продолжува посетата на Блискиот Исток. На повик на јорданското МНР и земјите кои го осудуваат израелскиот напад врз Газа, средби со министрите за надворешни работи на Катар, Јордан, Египет, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и со извршниот комитет на Палестинската ослободителна Организација. Вчера на својата трета посета на Тел Авив откако почна војната, повтори дека Израел има право да се брани, но и дека е важен начинот на кој тоа го прави.
Маријана Димовска
