Онлајн платформите мегдан за негативни наративи за родова еднаквост
Се поголем е бројот на претставки на граѓани за вознемирување преку социјалните медиуми, испратени до Комисијата за дискриминација. Анализите на невладините организации покажуваат дека поттикнувањето на навредите почнува од онлајн платформите кои пишуваат наслови со цел да предизвикаат сензација и така потикнуваат негативни коментари за родовата еднаквост...

Онлајн платформите мегдан за негативни коментари за родовата еднаквост. Според анализите на невладините сензационализмот во новинарските извештаи може да влијае на површно донесување заклучоци од страна на читателите. И од комисијата за заштита на дискриминацијата велат дека најголем број од претставките доаѓаат од вознемирувања на социјалните медиуми.
Сензационалистички наслови за родовата еднаквост на новинарски извештаи објавени на социјалните мрежи поттикнуваат лавина коментари – покажуваат анализите. Со навреди кон личности за нивниот изглед, облеката, сексуалната ориентација со вакви наративи се служат граѓаните. Од невладината „Маргини“ велат на овој начин се шират родови дезинформации.
„Направени се неколку анализи коишто покажуваат дека во нашиот јавен простор, па и преку медиумите и социјалните мрежи се шират лажни вести, дезинформации, но и наративи кои промовираат морална паника поврзана со идејата дека родовата еднаквост е наводно дестабилизирачка идеја којашто ќе нанесе сериозен удар врз традицијата и религијата“, изјави Ирена Цветковиќ од НВО Маргини.
Голем број коментари со говор на омраза продуцираат и извештаите за родова еднаквост што ги пренесуваат изјавите на политичарки кои се дел од јавните дебати. Цел на навредливи наративи е и пратеничката Санела Шкриељ.
„Секоја жена што е активна во јавниот живот го трпи тој говор на омраза. Факт е дека жените во политиката, и не само жените во политиката туку и сите жени кои се гласни, се цел и таргет на говор на омраза. Јас го гледам тоа како единствена цел, а тоа е да не обесхрабрат нас жените да бидеме активни и гласни и да учествуваме во процесите на донесување одлуки. Затоа треба да се држиме заедно. Мислам дека женската солидарност е навистина важна“, изјави Санела Шкриељ, пратеничка од СДСМ.
И од Комисијата за заштита на дискриминацијата потврдуваат дека најголем број од претставките доаѓаат од вознемирувања на социјалните медиуми.
„Имаме 40 постотно зголемување на претставките што навистина претставува индикатор дека можеби граѓаните повеќе ја препознаваат дискриминацијата, знаат каде да се обратат, од друга страна стануваат посвесни што е тоа дискриминација и можат да побараат заштита“, изјави Игор Јадровски од Комисија за заштита од дискриминација.
Медиумите да и овозможат на публиката да прави разлика меѓу фактите и дезинформациите, да се регулираат коментарите со негативни содржини – апелира комуникологот Кордалов.
„Се што правиме на социјалните медиуми и на медиумите треба да креира дебата. Како да изгубивме што е дебата на различно мислење, а што е натпревар на тоа дека некого треба да исклучиме, омаловажиме, навредиме и тоа е суштината во којашто сметам дека треба да се обрне внимание и тоа е суштината во која мислам дека треба да одиме неколку чекори наназад и да почнеме по нов пат“, изјави Бојан Кордалов, експерт по онлајн медиуми.
Институтот за комуникациски студии во најновата студија анализираше повеќе од илјада новинарски извештаи на социјалните медиуми во периодот од мај до јуни годинава и околу седум илјади коментари на објавите на платформата Фејсбук поврзани со темата родова еднаквост. Анализата укажува на сè уште силното влијание на родовите стереотипи во секојдневната онлајн комуникација.
Јазикот коски нема, но коски крши, велат постарите. Сензационализмот може да влијае на површно донесување заклучоци од страна на читателите, а говорот на омраза на социјалните медиуми е повеќе од обични зборови.
Сунчица Николова
