Животна средина

Шукова: Се чекаат лабораториските анализи од опасниот отпад во скопски Орман

04.11.2023 16:17

Колку е штетен отпадот во скопски Орман ќе се знае идната недела и од тоа ќе зависи дали ќе биде преместен на друга локација. Министерката за животна средина најави дека ќе следат и кривични пријави, доколку се констатира дека фирмата нема дозвола на тоа место да чува топени акумулатори и батерии а се штетни по здравјето на граѓаните …

Лабораториските анализи од опасниот отпад во скопски Орман ќе покажат дали ќе се дислоцира на друга локација, велат од Државниот инспекторат за Македонската телевизија. Министерката за животна средина и просторно планирање рече дека идната недела ќе се знае дали ќе следат парични казни и кривични пријави за прекршителите. За случајот со оловна згура на брегот на реката Лепенец на територијата на општина Ѓорче Петров беше отворен предмет на инспекциска постапка.

Постапката е во локална надлежност и ја води градот Скопје, а не државата, вели Шукова. Додава дека се работи за приватен имот, но дали се работи за фирма или физичко лице во моментов Министерството сè уште нема информации, бидејќи на увид не бил државниот туку локалниот инспекторат.

Министерката за животна средина и просторно планирање уверува дека ваквите прекршоци ќе бидат санкционирани и парично, а кога ќе се лоцира одговорност, ќе се изготват и соодветни кривични пријави.

Градоначалникот на Ѓорче Петров во јавноста веќе образложи дека сите постапки кои ги води Општината се во тек, но сепак ингеренциите ги има државниот инспекторат за животна средина. Од нив се чекаат одговори и мерки кои треба да се преземат за прекршителите. Да утврдат дали фирмата ги има потребните документи да се занимава со ваков вид преработка на отпад.

 

Александра Спировска