ТЕТОВО

Во Тетово недостиг од паркинзи и сообраќајна инфраструктура

04.11.2023 17:33

Закочен сообраќај, узурпирани тротоари од паркирани возила. Ваква е сликата во Тетово поради сообраќајниот хаос каде до секоја дестинација побрзо се стигнува пеш отколку со возило. Гужвите се резултат на немањето на доволно паркинг места, како и соодветна сообраќајна инфраструктура …

За да поминете 2 километри ќе возите половина час низ тетовските улици. Сообраќајниците се закочени оти дел од нив се претесни и со паркирани возила. И покрај ваквата состојба поголем дел од тетовци не се откажуваат од своите возила. Некои одат пеш или возат велосипед, затоа што велат е најпрактично во сообраќајниот хаос.

Според одредени проценки во градот има до 60.000 возила, а има едвај 1.000 паркинг места.

Од Сообраќајната полиција, велат дека нивните екипи казнуваат, но без изградби на катни гаражи кои ги најави општината проблемот нема да се реши. Зонското паркирање според нив воопшто не го дава посакуваниот ефект.

Градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами, вели дека предвидените локации за катни гаражи станале предмет на приватизација и постапката за нивна изградба е во застој.

Тетово има 4 булевари од кои само еден е целосно завршен. Без обиколница, транзитниот сообраќај поминува низ градот создавајќи голем сообраќаен метеж.

 

Зоран Димовски