Битола

Климатските промени влијаат на млекопроизводството

04.11.2023 18:14

Иако последниве две години топлотните шокови не се така изразени, сепак постои драстичен дисбаланс во волуменот на млекопроизводството во пролетните и зимските месеци. Експертите велат - мал е бројот на професионални штали кои засега обезбедуваат оптимални температури и амбиент во шталите. Сточарите со став - климатските промени прават сериозни проблеми и во производството на потребните количини на храна за кравите …

Екстремните топлотни шокови се еден од факторите непријател на млекопроизводството. Топлотниот стрес кај кравите предизвикува дисбаланс и над 30 посто во продукцијата во пролетните и зимските месеци. Експертите велат хемискиот состав на млекото е далеку подобар во зима кога паѓа волуменот на производството.

Во напредните земји осцилациите се минимални од три до пет отсто.

Добрите познавачи на приликите велат за стабилна производствена синусоида најважен е амбиентот во шталите односно обезбедувањето на оптимална температура.

Млекопреработувачите сметаат дека мал е бројот на фарми кои можат да ги амортизираат температурните шокови. Помалите сточари велат климатските промени создаваат проблеми и во обезбедувањето на потребните количини на храна за стоката.

Ако се знае дека климатските промени се повеќе ќе диктираат неопходно е барање на адекватни решенија за зголемување на нашето базно производство кое годишно изнесува само 90 милиони литри сирово млеко а надополнувањето на дефицитот со увоз често предизвикува и ценовни шокови кај потрошувачите.

 

Стевче Митревски