ИЗРАЕЛ-ХАМАС

Израелските сили продолжуваат со нападите во Газа, протести за поддршка на Палестинците

05.11.2023 09:57

Генералното собрание на Обединетите Нации усвои резолуција, повикувајќи на „итно, трајно и одржливо хуманитарно примирје што ќе доведе до прекин на непријателствата. 120 земји беа „за“, 14 „против“ и 45 „воздржани“, меѓу кои и Македонија. Бајден изјави дека има напредок во обезбедувањето на таканаречената хуманитарна пауза во борбите меѓу Израел и Хамас …

Копнените сили ја контролираат секоја битка и ја имаат предноста во Газа, тврди израелската армија. До жителите на енклавата одново повик да се преселат на југ. Хамас објави дека лансирале ракета со дострел од 250 километри. Размена на оган на границата со Либан. Американската армија соопшти дека на Блискиот Исток распоредила дополнители бродови и уште еден носач на авиони.

„Ние имаме контрола во секоја битка, ја имаме предноста над непријателот, победуваме во секоја борба. Сакаме да продолжиме и да напредуваме во борбите за разбивање на Хамас и постигнување на целите на војната“, изјави Даниел Хагари-портпарол на израелската одбрана.

Арапските лидери се заложија за итен прекин на огнот и покрај предупредувањата од државниот секретар Блинкен дека таквиот потег би бил контрапродуктивен и може да поттикне поголемо насилство од страна на милитантната група. Претходно американскиот претседател Бајден истакна дека делумно е постигнат напредок за прекин на огнот.

„Мораме да се погрижиме војната да престане и да внесеме доволно храна, вода, лекови и гориво во Газа. Со секоја минута доцнење, едно дете, жена или старец умира бидејќи немаат пристап до овие основни услуги“, изјави Ајман Сафади-вицепремиер и министер за надворешни работи на Јордан.

„САД веруваат дека сите овие напори ќе бидат олеснети со хуманитарни паузи. Сметаме дека паузите можат да бидат критичен механизам за заштита на цивилите, за добивање помош, за извлекување на странските државјани, истовремено овозможувајќи му на Израел да ја постигне својата цел да го порази Хамас“, изјави Ентони Блинкен – државен секретар на САД.

Функционер на Хамас, рече дека американскиот државен секретар не може да изгради арапска коалиција која е против палестинскиот народ.

„Ние ја сметаме американската администрација и претседателот Бајден целосно одговорни за овие масакри што се вршат со американско зелено светло, со американско оружје и со американско политичко покривање“, изјави Осама Хамдан претставник на Хамас во Либан.

Илјадници демонстранти излегоа на улиците на Тел Авив, Вашингтон, Лондон, Берлин и Париз и повикаа на прекин на огнот во Газа.

 

Маријана Димовска