Охрид: Трпејца останува црна еколошка точка
Без планот за управување со охридското крајбрежје не ќе може да се реализира инфраструктурниот проект за изградба на пречистителна станица и канализациона мрежа во една од најпривлечните охридски крајезерски населби-Трпејца, која во јавноста е позната и како македонско „Сен Тропе“. Иако од државниот буџет се издвоени шестотини илјади евра за тој проект барем засега работите тапкаат во место. Во меѓувреме овој крајезерски дел се посочува како еден од најзагадените долж крајбрежјето...

Една од најатрактивните населби на охридското крајбрежје -Трпејца со децении наназад се означува како црна еколошка точка. Одамна се расправа за изградба на канализациона мрежа и пречистителна станица, се прават проекти, се издвојуваат финансиски средства кои за жал на крајот остануваат неискористени, а жителите не го добиваат ветеното. Прашање е дали така ќе биде и со шестотините илјади евра што се издвоени од државниот буџет за решавање на овој проблем.
„Заради укочувањето на плановите коишто се дел од крајбрежјето се до изработка на оној план за управување со охридското крајбрежје не можеме да донесеме урбанистички, односно документационо не можеме да сме чисти и тоа е најголемиот проблем“, изјави Кирил Пецаков-градоначалник на Охрид.
Ваквата состојба потсетува на онаа кога пред 10-тина години од ИПА фондовите преку Министерството за животна средина беа обезбедени средства за реализација на ваков проект, но поради политички надмудрувања роковите беа пробиени и парите не беа искористени.
Сепак економската криза сигурно драстично ќе го поскапи тој проект со кој беше направено решение за терциерно прочистување, односно водата што ќе се враќа во езерото да е со квалитет како онаа за пиење.
Прашање е дали тој проект воопшто ќе биде земен предвид, бидејќи стана практика работите секогаш да се враќаат на почеток.
Сашо Нелоски
