Израелската армија со апел до цивилите да го напуштат Појасот Газа
Израелската армија одново апелираше цивилите да го напуштат Појасот Газа и да се упатат кон југ. Според процените на Тел Авив, досега енклавата ја напуштиле 700 илјади луѓе. Арапските лидери по состанокот во Јордан се заложија за итен прекин на огнот. Американскиот државен секретар Блинкен во Рамала на средба со палестинскиот претседател Абас...

Копнените сили ја контролираат секоја битка и ја имаат предноста во Газа, тврди израелската армија. До жителите на енклавата одново повик да се преселат на југ. Хамас објави дека лансирале ракета со дострел од 250 километри. Размена на оган на границата со Либан. Американската армија соопшти дека на Блискиот Исток распоредила дополнители бродови и уште еден носач на авиони.
„Ние имаме контрола во секоја битка, ја имаме предноста над непријателот, победуваме во секоја борба. Сакаме да продолжиме и да напредуваме во борбите за разбивање на Хамас и постигнување на целите на војната“, изјави Даниел Хагари-портпарол на израелската одбрана.
Американскиот државен секретар во Рамала се сретна со палестинскиот претседател Абас. Ова е прва посета на Блинкен на Западен Брег по почетокот на војната меѓу Израел и Хамас. Арапските лидери претходно во Јордан се заложија за итен прекин на огнот и покрај предупредувањата од Вашингтон дека таквиот потег би бил контрапродуктивен и може да поттикне поголемо насилство од страна на милитантната група.
„Мораме да се погрижиме војната да престане и да внесеме доволно храна, вода, лекови и гориво во Газа. Со секоја минута доцнење, едно дете, жена или старец умира бидејќи немаат пристап до овие основни услуги“, изјави Ајман Сафади-вицепремиер и министер за надворешни работи на Јордан.
„САД веруваат дека сите овие напори ќе бидат олеснети со хуманитарни паузи. Сметаме дека паузите можат да бидат критичен механизам за заштита на цивилите, за добивање помош, за извлекување на странските државјани, истовремено овозможувајќи му на Израел да ја постигне својата цел да го порази Хамас“, изјави Ентони Блинкен – државен секретар на САД.
Функционер на Хамас, рече дека американскиот државен секретар не може да изгради арапска коалиција која е против палестинскиот народ.
„Ние ја сметаме американската администрација и претседателот Бајден целосно одговорни за овие масакри што се вршат со американско зелено светло, со американско оружје и со американско политичко покривање“, изјави Осама Хамдан – претставник на Хамас во Либан.
Илјадници демонстранти излегоа на улиците на Тел Авив, Вашингтон, Лондон, Берлин и Париз и повикаа на прекин на огнот во Газа.
Маријана Димовска
