Надал гази, без изненадувања во Париз
Исклучително мирен беше петтиот натпреварувачки ден на тениските терени крај Булоњската шума во Париз. Познати се сите учесници во третата рунда на ролан-гарос, вториот гренд-слем турнир годинава..

Исклучително мирен беше петтиот натпреварувачки ден на тениските терени крај Булоњската шума во Париз. Познати се сите учесници во третата рунда на ролан-гарос, вториот гренд-слем турнир годинава..
Светскиот рекет број 1 Рафаел Надал лесно ја преброди втората пречка. На 57.играч на АТП листата Доминик Тием му дозволи да освои само седум гема, по два во првите два и три во третиот сет. Надал ја извојува 61.победа досега во настапите на Ролан Гарос. Ова е „негов“ турнир, на којшто досега има доживеано само еден единствен пораз. Во 1/16-финалето ќе игра со Леонардо Мајер.
Резултатски убедливи настапи имаа и преостанатите високорангирани тенисери. Петтиот носител Давид Ферер беше подобар од Болели со 6-2, 6-3 и 6-2 по сетови, а седмиот рекет Енди Мареј го совлада Матошевиќ со 6-3, 6-1 и 6-3 по сетови. По три сета за пласман понатаму одиграа и Фабио Фоњини со Белучи, Кевин Андерсон со Мишон, Гаел Монфис со Штруф и Филип Колшрајбер со Истомин. Најмногу се намачи Фернандо Вердаско, којшто по минус од 0-2, направи пресврт и го доби Куевас со 3-2 во сетови. За третото коло се изборија и Лајовиќ, Карловиќ, Гарсија Лопез и Доналд Јанг, кој го испрати во аут 26-торангираниот Фелисијано Лопез. Шпанецот е најзвучното име коешто се прости од турнирот, по поразот од 3-0 во сетови.
Спокојно беше и кај тенисерките. Убедливи победи во втората рунда забележаа 4-торангираната Симона Халеп, која со 6-2 и 6-4 по сетови ја совлада Вотсон, петтата носителка Петра Квитова, која со 6-4 и 6-4 по сетови славеше над Ераковиќ и шестата фаворитка Јелена Јанковиќ, која со 7-5 и 6-0 беше подобра од Нара. 10-рангираната Сара Ерани со 6-2 и 6-4 ја совлада Фиценмајер, 11-та фаворитка Ана Ивановиќ ја надигра Свитолина со 7-5 и 6-2, а 15-та носителка Слоун Стивенс со 6-1 и 6-3 беше поуспешна од Полона Херцог. Победнички настапи имаа и Макарова, Сафарова, Кирстеа, Кузњецова и Петковиќ. Турнирот го завршија 21.рекет Кирстен Флипкенс, која во три сета потклекна пред Јулија Глушко и 24-торангираната Анастасија Пављученкова, која поради повреда се предаде во третиот сет против Кики Бертенс.
