Израел

Израел: Подготвени сме за офанзива на северот на Појасот

06.11.2023 09:12

Градот Газа е опколен, подготвени сме за офанзива на северот на Појасот, соопштија израелските одбранбени сили. Американскиот државен секретар Блинкен по обиколката на Блискиот Исток, денеска во посета на Турција во обид да се намалат тензиите во регионот откако ескалира војната меѓу Израел и Хамас. Хуманитарната катастрофа во енклавата се продлабочува. Расте бројот на загинати...

Еден месец од војната меѓу Израел и Хамас. Расте бројот на жртви и повредени. Израелската армија тврди дека во текот на ноќта го освоила упориштето на Хамас во Газа и дека се погодени 450 цели на палестинската група. Американската војска објави дека американска подморница пристигнала на Блискиот Исток.

„Израелската одбрана ги нападна терористичките цели на Хезболах во јужен Либан, како одговор на противтенковскиот оган во кој загина израелски цивил. Борците за противвоздушна одбрана пресретнаа летало управувано од далечина што Хезболах се обиде да го пренесе на наша територија“, изјави Даниел Хагари – портпарол на израелската одбрана.

Американскиот државен секретар по Блискиот Исток пристигна во посета на Турција. Арапските лидери претходно побараа итен прекин на огнот, иако Блинкен предупреди дека таквиот потег ќе биде контрапродуктивен и може да поттикне поголемо насилство од страна на милитантната група.

„Работиме многу напорно за да се осигураме дека конфликтот во Газа нема да ескалира, да не се прошири на други места. Ова е многу важна и итна работа на американската дипломатија, и тоа е тоа со што бевме ангажирани во текот на ова патување“, изјави Ентони Блинкен-државен секретар на САД.

Светската здравствена организација изразува загриженост поради дефектот на комуникациите во Газа. Во меѓувреме расте бројот на земји кои ги отповикуваат претставниците од Израел. Чад го отповика вршителот на должност амбасадор во Тел Авив, притоа осудувајќи ја загубата на невини граѓани во Газа. Претходно амбасадорите од Израел ги повлекоа Турција, Хондурас, Чиле, Колумбија и Јордан.

 

Маријана Димовска