Воен конфликт

Израелската армија напредува длабоко во Газа

06.11.2023 12:32

Израелската армија продолжува со копнените напади. Во текот на ноќта биле погодени 450 цели на Хамас. Напади има и по должина на либанската граница. Тел Авив ги отфрли предлозите на САД за куси прекини на борбите за олеснување на испораката на хуманитарната помош. Блинкен ја продолжи турнејата од Блискиот исток во Турција…

Израелската армија соопшти дека напредува длабоко во Газа на север и зазела позиции долж брегот, што појасот практично е поделен на север и југ. Во текот на ноќта погодени 450 цели на Хамас. Централната команда на САД соопшти дека група на носачи Ајзенхауер и американска подморница од класата Охајо со проектили пристигнала на Блискиот Исток.

„Израелската одбрана ги нападна терористичките цели на Хезболах во јужен Либан, како одговор на противтенковскиот оган во кој загина израелски цивил. Борците за противвоздушна одбрана пресретнаа летало управувано од далечина што Хезболах се обиде да го пренесе на наша територија“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Иран и Ирак одново повикаа на прекин на нападите. Израел досега ги отфрли сугестиите на САД за пауза во борбите за олеснување на испораката на хуманитарна помош и повиците за поширок прекин на огнот од сè позагрижените арапски земји.

„Американците ставија вето на предложените резолуции во Советот за безбедност и тие, во пракса, ги оставаат рацете на ционистичкиот режим да извршуваат убиства. Ја обвинуваме Америка и другите земјите кои го поддржуваат ционистичкиот режим за злосторства. Сметаме дека тие се соучесници“, изјави Ебрахим Раиси, претседател на Иран.

„Оние кои сакаат конфликтот да се ограничи и да не се прошири на целиот регион, треба да извршат притисок врз ционистичкиот режим да престане со својата воена агресија“, рече Мохамед Шија ал-Судани, премиер на Ирак.

Американскиот државен секретар ја продолжува турнејата од Блискиот Исток во Турција. За тековната војна разговараше и со премиерот на Ирак во Багдад, a викендов се сретна и арапските лидери и палестинскиот претседател Абас.

„Работиме многу напорно за да се осигураме дека конфликтот во Газа нема да ескалира, да не се прошири на други места. Ова е многу важна и итна работа на американската дипломатија, и тоа е тоа со што бевме ангажирани во текот на ова патување“, изјави Ентони Блинкен-државен секретар на САД.

Светската здравствена организација изразува загриженост поради цивилните жртви и прекинот на комуникациите во Газа. Се зголемува бројот на земји кои ги отповикуваат претставниците од Израел. По Турција, Хондурас, Чиле, Колумбија и Јордан и Чад го отповика вршителот на должност амбасадор во Тел Авив.

Маријана Димовска