Граѓаните од Тетово се жалат на недостиг од вода
Неколку тетовски населби деновиве се соочуваат со недостиг од вода за пиење. Новиот водовод не е во функција поради заматеноста на водата како последица од обилните врнежи од дожд...

И со два водоводи и под Шар Планина, Тетово никако да го реши проблемот со водата за пиење. Во време на обилни дождови, граѓаните се жалат дека има недостиг од вода.
Издашноста на изворите од кои моментално се снабдува Тетово со вода за пиење изнесуваат 210 литри вода во секунда, а потребни сè уште 100 за да се задоволат потребите на граѓаните.
Од ЈКП Тетово, велат дека новиот водовод не е во функција, поради заматеноста на водата во реките, од кои се снабдува овој систем, а предизвикана од обилните врнежи од дожд. Наместо снег некарактеристично за овој период од годината на планините има интензивни врнежи од дожд.
Долгорочно решение за проблемот нема оти не постои филтер кој би исчистил толку заматена вода, додава Шаќири.
Останува граѓаните рационално да ја користат водата, затоа што според метереолошките состојби не очекуваат повисоки температури и врнежи од дожд, што ќе резултира со нефункционалност на новиот водовод.
Зоран Димовски
