Жестоки руски напади од повеќе правци во Украина
Руските вооружени сили извршија напад врз Одеса, морската порта на Украина во Црно Море. Гранатиран е и градот Херсон, урната е петкатница...

Со дронови, проектили „Оникс“ и „Искендер“, руските оружени сили извршија координиран напад врз Одеса, морската порта на Украина во Црно Море. Погоден е центарот на градот, урнати се неколку станбени згради. Во Одеса, којашто била средиште на некогашната руска империја, уништена е и уметничката галерија.
„Кога сево ова се случи, влегував во зградата. Бев со детето, се наведнавме веднаш, го зграпчив и избегавме од местото. Насекаде имаше многу прав и стакло“, посведочи жителка на Одеса.
„Има голема штета, и токму сега пред зимата. Состојбата е тешка поради цевководот, кој е се уште под притисок. Состојбата не е под контрола“, изјави Олех Кипер, шеф на воената област.
Со најнови антирадарски проектили, руската артилерија го нападна и Херсон. Урната е петкатница, не се знае состојбата на 12 семејства, повеќето повозрасни, кои живееле во зградата.
Според путин, русија ја почнала специјалната воена операција поради тоа што веќе биле нападнати нејзините историски територии. Путин вели- морале да возвратат. Зеленски му одговори-ја користите состојбата во израел за да не се бројат жртвите во украина.
„Го нападнаа Крим, потоа Донбас, иако осум години преку договорот од Минск се обидувавме на мирен начин да ја решиме состојбата. Што требаше да правиме, да им дозволиме бескрајно да не толчат? “, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.
„Путин сака да го подели светот, да го одвлече вниманието од украина со друга војна. Нема да им биде и тоа доволно, ова го повторувам две години. Во сирија не им беше доволно. Почнаа во украина, по украина сега се на блискиот исток“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
При ваква заплеткана воена состојба киев се надева на забрзано членство во европската унија. Претседателката фон дер лајен при ненајавената посета вчера резимираше- и покрај војната постигнувате успех во реформите.
„Ова е резултат на напорна работа, знам дека сте во фаза на завршување на реформите. Ако се случи тоа, уверена сум дека Украина ќе ја постигне амбициозната цел со која ќе прејде во следната етапа на процесот на пристапување“, посочи претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен.
На декемврискиот самит на унијата, украина ќе биде меѓу главните теми, во дипломатските кругови се најавува и отворањето на пристапните преговори со земјата која е над 620 денови во војна.
Зоран Богатинов
