Јавна седница за случајот „ТНТ“, одбраната побара одбивателна пресуда
Во Апелациониот суд јавна седница за случајот „ТНТ“. Одбраната побара одбивателна пресуда поради апсолутна застареност на делото. Судскиот совет соопшти дека одлуката ќе биде соопштена дополнително...

Суштинска грешка во пресудата на Кривичниот суд предизвика турболенции при постапувањето на скопска Апелација. Пресудата со која поранешниот министер Миле Јанакиески се осудува на 3 години затвор погрешно била заведена како три и пол години во писмената верзија, поради што Апелација го вратила предметот за да се исправи грешката и закажала нова јавна седница. На новото рочиште, одбраната побара да се констатира апсолутна застареност на кривичниот прогон.
Бизнисменот Фијат Цаноски кој стравува дека ќе остане без 11 милиони евра што во форма на отштета му ја пресуди понискиот суд, во пресрет на рочиштето, обвини дека во Апелација се случува организиран криминал со цел намерно да застари предметот. Судијата Ѓоко Ристов одговори дека Советот суди законски.
„Бев нападнат за злосторничко здружување, имаше закани, навреди и клевети. Медиумите кои ја следеа прес конференцијата на Цаноски треба да поднесат кривична пријава“, рече судијата Ристов пред почетокот на јавната седница.
На брифинг со новинарите, судијата појасни дека во случаите кога грешките не се однесуваат на испуштени или додадени букви во име или презиме, туку во вид и висина на казната или означување на кривичното дело – решението за исправка на пресудата се доставува до странките, а рокот за жалби почнува да тече не од денот кога е доставена пресудата со грешка, туку од денот кога е доставено решението за исправка.
Од Kривичен велат дека ја исправиле грешката и предметот го вратиле во Апелација, но велат оти не знаат што правел повисокиот суд во рок од 8 месеци пред да им го врати за корекција, и зошто не одлучувал.
Освен Јанакиески, затворска казна во прв степен доби и поранешниот премиер Никола Груевски осуден на 9 години затвор, додека поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, доби 4 години зад решетки.
Анита Димитријевска – Велковска
