Македонија

Претседателката на Врховниот суд Беса Адеми не отиде на средба во Судскиот совет

06.11.2023 13:35

Цврсто сум убедена дека оваа недела и во следниот период, веднаш по добивањето на извештаите на Европската унија и на Оценската комисија за работата на Судскиот совет, ќе се отворат суштинските прашања за проблемите во судството, но и ќе се даде јасен патоказ за чекорите кои треба да се преземат понатаму, потенцира Адеми во соопштението.

Беса Адеми, претседателката на Врховниот суд, не дојде на средба во Судскиот совет. Беше повикана поради пишувањата во јавноста дека се вршат политички притисоци врз судиите. Причината што Адеми не присуствуваше на денешната закажана работна средба во највисокото судско тело ја образложи преку соопштение.

Во соопштението Адеми информира дека денеска, во овој предизвештаен период, веќе има закажано настан со Коалицијата „Сите за правично судење“ на кој ќе биде потпишан Меморандум за соработка во кој се акцентира и значењето на независноста на судството и отпорноста од политичките влијанија и притисоци.

Цврсто сум убедена дека оваа недела и во следниот период, веднаш по добивањето на извештаите на Европската унија и на Оценската комисија за работата на Судскиот совет, ќе се отворат суштинските прашања за проблемите во судството, но и ќе се даде јасен патоказ за чекорите кои треба да се преземат понатаму, потенцира Адеми во соопштението.

Според неа, констатациите од двата извештаи, вклучително и прашањето за политичките притисоци и влијанија набрзо ќе биде повод за размена на мислења и отворање на нова дискусија во рамки на работни настани и средби кои ќе дадат понатамошен придонес за владеењето на правото.