Здравство

Сѐ уште нема ленти и глукомери за дијабетичарите, од надлежните само најави дека ќе се реши проблемот

06.11.2023 13:55

11 месеци дијабетичарите не знаат колку инсулинска терапија треба да примат, немаат како да измерат шеќер во крвта, бидејќи ленти и глукомери во инсулинските аптеки нема. Од надлежните добиваат само најави дека проблемот ќе биде надминат, велат од Здружението на дијабетичари…

Дијабетичарите и денеска си заминаа без ветените ленти и глукомери од инсулинските аптеки – откако минатата недела надлежните уверуваа дека тие ќе бидат доставени. Нивната голгота трае 11 месеци. Не знаат колку инсулин треба да примат, бидејќи без ленти и глукомери немаат како да го проверат нивото на шеќер во крвта. Во меѓувреме им се влошува и онака кревкото здравје. Од здружението велат – кај овие пациенти се почести се мозочните и срцевите удари, проблемите со бубрезите и очите.

„Никој во оваа држава не го постави прашањето како што треба, да се истражи каде се пропустите, каде се проблемите, да одговори на нашите повици, нашето барање за воведување референтна цена, која не е измислена од нас, туку е пракса во другите држави, за да може луѓето, редовно и најитно да си ги добиваат своите медицински помагала, а државата само да рефундира средства“, изјави Димче Велев – Здружение на дијабетичари.

Неисполнетите ветувања на надлежните ја продлабочуваат недовербата на речиси 44 илјади дијабетичари во земјава, од нив 600 се деца до 18 години.

Со почетокот на годината почнаа и проблемите на дијабетичарите. Претходното раководство не го спроведе тендерот за набавка на ленти и глукомери, па пациентите ги купуваат приватно или позајмуваат.

Андријана Ѓурческа