Израелската армија продолжува со офанзивата
Израелската армија продолжува со копнената офанзива. Тенковите се пред градот Газа, напади има и по должина на либанската граница. Тел Авив ги отфрли предлозите на САД за куси прекини на борбите за испорака на хуманитарната помош. Блинкен во Анкара пречекан од демонстранти, ситуацијата на Блискиот Исток една од темите и на Самитот на г-7 што се одржува утре и задутре во Јапонија....

Израелската армија напредуваше подлабоко во Газа на север и зазела позиции по должина на брегот со што Појасот практично е поделен на север и југ. Тенковите се пред градот Газа. Жителите добија предупредување да се евакуираат на југ. Во текот на ноќта биле погодени 450 цели на Хамас. Не стивнуваат и нападите по должина на либанската граница. Централната команда на САД соопшти дека група на носачи „Ајзенхауер“ и американска подморница од класата „Охајо“ со проектили пристигнала во близината на Блискиот Исток.
„Израел не сака да води војна на два фронта. Ние претпочитаме да можеме да се концентрираме на Хамас во Газа. Но, ако Хезболах навистина иницира конфликт, поширок конфликт на северот, ние сме подготвени“, изјави Арк Регев-советник на израелскиот премиер.
Американскиот државен секретар ја продолжи турнејата од Блискиот Исток во Турција. Блинкен беше пречекан во Анкара од десетици демонстранти. За тековната војна разговараше и со премиерот на Ирак во Багдад, a викендов се сретна и арапските лидери и палестинскиот претседател Абас.
„На ова патување имавме многу важни разговори со земјите во регионот за да се осигураме дека овој конфликт нема да се прошири во други земји. И, се разбира, остануваме многу фокусирани на заложниците кои ги држи Хамас, вклучително и Американците, и да се погрижиме да направиме сè што е можно за да ги вратиме дома“, изјави Ентони Блинкен-државен секретар на САД.
Израел досега ги отфрли предлозите на САД за куси прекини при борбите за олеснување на испораката на хуманитарната помош и повиците од се позагрижените арапски земји. Итни средби на највисоко ниво на Иран и Ирак.
„Ја обвинуваме Америка и другите земјите кои го поддржуваат Израел во злосторствата. Сметаме дека тие се соучесници“, изјави Ебрахим Раиси – претседател на Иран.
„Тие кои сакаат конфликтот да се ограничи и да не се прошири на целиот регион, треба да извршат притисок врз ционистичкиот режим да престане со својата воена агресија“, рече Мохамед Шија ал-Судани-премиер на Ирак.
Светската здравствена организација изразува загриженост поради цивилните жртви и прекинот на комуникациите во Газа. Кина која го презеде претседавањето со Советот за безбедност на Обединетите Нации со осуда за случувањата на Блискиот Исток.
Маријана Димовска
