Мицкоски не очекува разрешница на скандалот со Онкологија
Јавното обвинителство и останатите институции да реагираат по допрен глас, вели Мицкоски за нивите докази поврзани со скандалот на Клиниката за онкологија. Тој не очекува истрагата да дојде до крај. Медицинските сестри од Онкологија, го демантираат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ...

Изнесени се многу факти и докази и најмалку што може да се направи е Јавното обвинителство и останатите институции да реагираат по допрен глас, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за скандалот со Клиниката за онкологија. Со оваа влада не очекувам дека истрагата ќе дојде до крај, а виновниците изнесени пред лицето на правдата, вели Мицкоски.
А, на Мицкоски кој минатата недела објави нови документи, за кои рече дека покажуваат оти продолжува скандалот на Онкологија и дека лек на болните им се давал само половина доза, реагираат медицинските сестри од Онкологија. Го демантираат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, со тврдење дека се води евиденција за сè што се презема на Клиниката и како се даваат лекарствата.
„Апелираме до целата јавност, да престанат препукувањата на политичките партии преку клиниката, и да се остави клиниката да функционираа нормално и без било какви притисоци, со цел да се заштити здравјето на пациентите, кои секој ден доаѓаат на клиниката и се лекуваат, како и вработените во истата“, велат медицинските сестри од Онкологија.
Работата на Собраниската комисија за скандалот со клиниката, продолжува со сослушувања.
Миле Ристески
