Средбата на Судски совет без присуство на претседателката на Врховен, Беса Адеми
Претседателката на Врховен Беса Адеми ја одби поканата за работна средба во Судскиот совет. Беше повикана откако во интервју кажа дека највисокиот суд во државава се соочува со политички притисоци. Во писмото до членовите на Советот посочи дека ќе ги почека извештаите на Европската унија и на Оценската комисија, со коишто како што вели ќе се отворат суштинските прашања за проблемите во судството. Нашата работа е да ги штитиме судиите и да го почитуваме законот, а за тоа треба да се разговара, вели претседателот на Судски совет, Георгиев …

Претседателката на Врховен Беса Адеми, не дојде во Судскиот совет за да реферира за наводните влијанија и политички притисоци врз судиите. Во писмото до Советот појаснува дека поканата не била во насока на исполнување на законските цели за заштита на судството. Посочува дека политички притисоци и влијанија биле нотирани во извештаи од меѓународни институции, но и дека загрижувала констатацијата за недовербата кон Судскиот совет. Според Адеми ова треба да се вреднува како суштински придонес за независноста на судството.
Судскиот совет функционира и работи за да ги штити судиите, затоа баравме да разговараме со претседателката на Врховниот суд и сметам дека е нужно да дојде и да ги изнесе наводите, изјави претседателот на Советот, Георгиев. Биле подготвени за дискусии за вакви отворени прашања. Првиот човек на Советот ги повика сите судиите, ако имаат какви било притисоци да пријават.
„Апсолутно е недозволиво било какво влијание врз судија или поротник. Согласно закон било какво влијание е кривично дело, што значи веднаш ќе го известиме Обвинителството“, рече претседателот на Судски совет, Сашко Георгиев.
За ставовите во писмото на претседателката на Врховен, реагираа и членови на Судскиот совет.
„Нашата покана беше за една конкретна точка, на која требаше да разговараме за наводните притисоци, за кои ние не знаме и може да се вистинити“, изјави Антоанета Димовска, член на Судски совет.
„Од колегите и граѓаните ни доаѓаат разни претставки, но досега нема такви дека некој има вршел притисок, изјави Ивица Николовски член на Судски совет.
Во среда Европската комисија ќе го презентира извештајот за напредокот на Македонија и на Оценската комисија за работата на Судскиот совет. Брисел неколкупати потенцираше дека се потребни реформи во судството, но и дека извршната не треба да се меша во судската и законодавната власт.
Наташа Гркова Петрушевска
