Животна средина

Сè уште се чекаат лабораториските анализи од отпадот во депонијата Орман

06.11.2023 18:37

Се чекаат резултатите од анализите на отпадот во Орман, потоа ќе се знаат следните чекори, велат од Државниот инспекторат за животна средина. Од општината Ѓорче Петров бараат итна дислокација на депонијата. Настојуваат да се почитуваат законите. Велат граѓаните не смеат да бидат жртви на поединци кои работат спротивно на законите...

Од резултатите од анализите на отпадот во Орман, ќе се знаат следните чекори. Државниот инспекторат за животна средина очекува да ги добие одговорите од лабораторијата за да може со сигурност да зборуваат инспекторите што точно се случувало и кои ќе бидат преземените мерки.

„Рекоа за вторник или среда, значи оваа недела, тоа е втората недела на месец ноември дека ќе бидат готови по што понатаму ќе следи понатамошна инспекциска постапка, односно акти, со што ќе се нареди повлекување на таа отпадна згура. Се утврдува со лабораторијата дали е опасен или неопасен отпад или дали е како што тврди сопственикот металуршки концентрат“, изјави Дарко Блинков – од Државен инспекторат за животна средина.

По пат на електронска пошта, на 19-ти октомври, локалниот инспектор од Ѓорче Петров ги известил колегите од државниот инспекторат.

На локација во населено место Орман, веднаш до реката Лепенец, на приватен плац, во сопственост на две лица, локалниот инспекторат утврдил дека постои количина на отпадна згура на батерии и акумулатори, по негова проценка од 500-600 тони. Точната локација е на меѓата на две општини, Ѓорче Петров и Чучер Сандево.

Локалниот инспектор побарал итна дислокација.

„Општина Ѓорче Петров настојува да се почитуваат законите и граѓаните не смеат да бидат жртви на поединци кои работат спротивно на законите. Секое незаконско постапување во која било сфера на секојдневното живеење на нашата општина ќе биде ригорозно санкционирано“, велат од Општина Ѓорче Петров.

 

Катерина Топалова